Трибина на тема „Бездомни кучиња, едукација и информирање“

Прифатилиштето за бездомни кучиња при ЈКП „Комуналец“ Прилеп, организираше трибина во просториите на Општина Прилеп, на која беа презентирани повеќе мерки и активности за информирање и поттикнување на одговорно сопствеништво на домашните миленици, вдомување на бездомни кучиња и правилно постапување со животните.

Едукативната трибина, е дел од годишниот план на активности за 2019 година, којшто прифатилиштето при ЈКП “Комуналец” го има доставено до Агенцијата за храна и ветеринарство, а во врска со решавањето на проблемот со бездомните кучиња.

“Проблемот со бездомните кучиња, е проблем на целата заедница. Токму тоа е и целта на оваа трибина, сите да бидеме дел од решението, односно да бидеме одговорни сопственици, да практикуваме кастрација и стерилизација на домашните миленици, затоа што бездомните кучиња веќе се внесени во регистерот на здравствена заштита, се чипираат, се вакцинираат, се кастрираат, им се поставуваат ушци и потоа се враќаат на локациите каде биле заловени. Едукацијата е многу битна, а тоа значи дека сите треба да учествуваме и да бидеме позитивни кон животните, да ги сакаме и да знаеме дека тие се дел од нашето живеење“, посочи Тања Барлакоска, доктор по ветеринарна медицина во прифатилиштето за бездомни кучиња при ЈКП „Комуналец“.

На поставената тема „Бездомни кучиња, едукација и информирање“ со свои мислења и ставови се обратитија повеќе учесници од сите засегнати страни, меѓу кои директорката на ЈКП „Комуналец“, Ирена Станкоска,  директорот и докторот од Ветеринарната клиника од Прилеп, Никола Мариновски и Јане Ралоски, како и Тања Барлакоска – доктор по ветеринарна медицина во прифатилиштето за бездомни кучиња.

Со посебен интерес, трибината ја проследија учениците од профилот „ветеринарен техничар“, при  СОУ “Орде Чопела”, кои беа предводени од нивниот професор и доктор по ветеринарна медицина, Игор Галоски, кој беше еден од панелистите.