Врз снова на член 49, став (4) од Законот за просторно и урбанистичко планирање (Сл.Весник на РМ бр.32/20), член 93 од Законот за урбанистичко планирање (Сл.Весник на РСМ 32/20 и 111/23) и член 50 точка 4 од Законот за локална самоуправа (Сл.весник на РМ бр.5/02), член 26 од Статутот на Општина Прилеп, Градоначалникот на Општина Прилеп го дава следното:
С О О П Ш Т Е Н И Е
Се организира стручна расправа,јавна презентација и јавна расправаа по измена и дополнување на генералниот урбанистички план на град Прилеп (плански период 2013-2023г.)
Предмет на измена и дополнување на генералниот урбанистички план на град прилеп е измена и дополнување на текстуалниот дел на планската документација , односно:
– во точка 3.1.10. Посебни услови за изградба, развој и користење на градежното земјиште и градбите за секоја урбанистичка единица за планирање чиишто граници се утврдени со планот: планскиот опфат на деталниот урбанистички план, урбаните четврти и блокови, во сите поединечни блокови (од блок 1.1 до блок 12.10) во чии граници има планирано основна класа на намена А2.
– Градежните парцели со основна класа на намена А2 да тежнеат кон периметарот на блокот, долж улиците чии осовини го дефинираат блокот, а исто така може да се планираат во површината на планираните блокови согласно предметниот ГУП, доколку постојат урбанистичко архитектонски и инфраструктурни услови за нивна реализација.
– измена и дополнување на текстуалниот дел од планска документација, односно точка 22 од 3.1.9.1. Основни параметри за уредување на просторот која гласи: Границата на плански опфат на ДУП е планска одредба предвидена во предметниот ГУП и по правило се совпаѓа со граница на просторна единица за планирање како што се четвртта и блокот. Планскиот опфат може да се ограничи и со друга логична просторна целина. Границата на плански опфат на ДУП по правило треба да се совпаѓа со регулациона линија, граница на градежна парцела, граница на КП, оска на улица или друг линеарен геодетски симбол што претставува создадена или природна граница.
– измена и дополнување на текстуалниот дел од планска документација со која се врши усогласување на важечките детални урбанистички планови со предметниот ГУП за град Прилеп, со плански период 2013-2023 година, одобрен со Одлука на Советот на Општина Прилеп бр.25-2888/5 од 28.12.2015год., во врска со член 35 од Законот за урбанистичко планирање (“Сл. Весник на РСМ“ бр.32/20), на начин што;
– во текстуалниот дел од планска документација во точка 3.1.9.1. Основни параметри за уредување на просторот се додава нова точка 24 која гласи:
- Детален урбанистички план може да се применува само доколку намените на ДУПот се во согласност со намените утврдени во важечкиот ГУП.
– Доколку со важечкиот ГУП е планирано намалување на профилот на сообраќајната мрежа, ДУПОТ донесен пред влегување во сила на важечкиот ГУП може да се применува само доколку со реализација на планираните градби или деловите од планираните градби од истиот не се попречува реализацијата на сообраќајната мрежа од овој ГУП.
– во текстуалниот дел од планската документација, односно во точка 3.1.10..1 Посебни услови за изградба од доменот на електроснабдувањето, јавното осветлување и електронски комуникации, на почетокот од пасусот се додава следното: Не се дозволува изградба и изведување на други работи, засадување на растенија и дрвја на земјиште под, над и покрај енергетски објект, уреди и постројки, со кои се нарушува процесот на производство, пренесување и дистрибуција на енергија или се загрозува безбедноста на луѓето и имотот, согласно член 203, став (1) од Законот за енергетика (Сл.Весник на РМ бр.96/2018).
Сопственикот, односно корисникот на земјиште е должен да дозволи привремен прекин преку тоа земјиште за вршење премер, снимање, проектирање и изведување на работи на одржување и реконструкција на енергетски објекти, како и за вршење на инспекциски надзор на објектите кои се поставени на тоа земјиште, согласно член 204, став (1) од Законот за енергетика (Сл.Весник на РМ бр.96/2018). Да се применат одредбите од Правилникот за изградба на надземни електроенергетски водови со номинален напон од 1KV до 400KV (Сл. Весник на РМ бр.25/2019). Да се применат одредбите од член 224 од Мрежните правила за пренос на електрична енергија (Сл. Весник на РСМ бр.4/2022).
Јавната презентација и јавната и стручната расправа по Нацрт планот за измена и дополнување на Генералниот урбанистички план (плански период 2013-2023) ќе се спроведе со излагање на планот во просториите на Општина Прилеп.
Јавна расправа ќе трае 30 работни дена од денот на објавувањето на Соопштението, односно од 03.11.2023 година до 19.12.2023 година секој работен ден од 8,30 до 15,30 часот.
Во споменатиот рок, заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да доставуваат писмени забелешки, предлози и мислења на анкетните листови.
Стручната расправа и јавна презентација со стручно презентирање на планот ќе се одржи на ден 06.12.2023 година, во 10.00 часот во просториите на Општина Прилеп.
ГРАДОНАЧАЛНИК на Општина Прилеп
Борче Јовчески
__________________