Рекреативно трчање со хуманитарен карактер за опремување на Центарот за лица со церебрална парализа

Во организација на Општина Прилеп, „ГЕНТЕРМ Македонија“, „Комфи Ангел“
и Стопанска Комора на Македонија – Регионална канцеларија Прилеп, во
недела на 24.06.2018 со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи рекреативна
донаторска трка во должина од 5км, насловена како „Трчаме зедно за лицата
со церебрална парализа“.

„Целта на денешната прес конференција, е еден прекрасен настан кој е
организиран од страна на Општина Прилеп, со поддршка на компаниите
„ГЕНТЕРМ Македонија“, „Комфи Ангел“ и Стопанска комора на Македонија –
Регионална канцеларија Прилеп. Во декември 2017 година, Општина Прилеп
достави проектна апликација до Министерството за труд и социјална политика
поврзана со „Реконструкција и адаптација на објект во Дневен центар за лица
со церебрална парализа“, кој на среќа на општината, на нас граѓаните, а
најмногу на среќа на лицата со церебрална парализа, беше одобрен. Со тоа,
после Скопје, Прилеп ќе биде единствен град во Република Македонија којшто
ќе добие Центар за ваква намена“, истакна Цвете Станојоска, советник за
локален економски развој и прекурганична соработка во Општина Прилеп

Реконструкцијата на објектот е во тек, но поради големите трошоци за
одржување, скапата апаратура и опрема којашто е потребна за непречено
работење на Центарот, Општина Прилеп, во соработка со приватните
компании „ГЕНТЕРМ Македонија“, „Комфи Ангел“ и со Регионалната
канцеларија на Стопанската комора на Македонија, го организира овој настан а
собирање дополнителни финансиски средства.

Ирена Јакимоска косопственик на ‘Комфи Ангел’ и претседател на Стопанската комора за Прилеп

„Нормално дека несебично ја поддржавме идејата од неколку аспекти. Знаеме
дека ‘Комфи Ангел’ е декларирана како општествено одговорна компанија, каде
во сите процеси ги вклучуваме нашите вработени и токму овој настан им
овозможува покрај партиципација со котизација, да направат нешто добро за
другите, да направат нешто добро и за себе. Досега, до овој момент, пријавени
се околу 300 вработени. Ова значи наше масовно партиципирање, а исто така ги повикувам и другите компании кои се дел од Општина Прилеп и членови на нашата Регионалана комора, масовно да земат учество“, истакна Ирена Јакимоска косопственик на ‘Комфи Ангел’ и претседател на Стопанската
комора за Прилеп.

Васил Костовски, директор за човечки ресурси во ‘ГЕНТЕРМ Македонија’

„Во името на ‘ГЕНТЕРМ Македонија’ сакам да истакнам дека ова е почеток на
една социјална одговорност на компанијата. Среќен сум што веќе се
инкорпориравме како субјект во бизнис заедницата и тоа е видливо. Со 1.500
вработени во компанијата, ние сме најголем работодавач во овој регион. Оваа трка нема да има натпреварувачки карактер, туку ќе биде со малку поголемо
срце, донаторски. Оваа прилика ја користам да дадам еден апел до ситеграѓани на Општина Прилеп, да земат учество, да ја збогатат трката и со тоа да им помогнат на своите соседи. Исто така, упатувам апел и до бизнис
заедницата да земе што поголем учество, да ја направиме поколоритна таа недела на 24 јуни“, истакна Васил Костовски, директор за човечки ресурси во ‘ГЕНТЕРМ Македонија’.

Котизацијата за учество на донаторскиот маратон е 100 денари, кои
заинтересираните можат да ги уплатат на Буџет на Општина Прилеп со број на
сметка – 756014065763013, Приходна шифра – 725939, Програма – 00,
Трезорска сметка – 1000000000063095.

Сите заинтересирани граѓани, фирми и правни субјекти кои сакаат да се дел од
овој хуманитарен настан, можат да се пријават кај лицето за контакт Цвете
Станојоска од Општина Прилеп, на телефонски број +38977540919 или на
мејл:cvetestanojoska@gmail.com, cstanojoska@prilep.gov.mk.

Собраните средства, ќе бидат искористени за тековните трошоци и набавка на
опрема за Центарот за лица со церебрална парализа.

 

Со ставање во функција на Дневниот центар, после Скопје, Прилеп ќе биде
единствен град во Република Македонија којшто ќе добие Центар од ваков
карактер со капацитет на згрижување од 25 до 30 штитеници. Општина Прилеп
во првата фаза учествува со 2.5 милиони денари, кои се средства пренаменети
од буџетот на Општина Прилеп, со одлука на Советот на Општина Прилеп.
Средствата ќе бидат искористени за набавка на опрема и специјално возило за
транспорт на лицата од нивните домови до Центарот. После отворањето на
Центарот, тековните трошоци за одржување на Центарот и храната за лицата
кои ќе престојуваат во Центарот, ќе бидат во целост на товар на Општина
Прилеп.