Работилница на „Водовод и канализација“ на тема „Целосен циклус на урбаната вода: од својот извор до крајните корисници и назад кон животната средина“

ЈКП „Водовод и канализација“ денеска организираше техничка работилница во
рамките на проектот WATenERgy CYCLE „Целосен циклус на урбаната вода: од
својот извор до крајните корисници и назад кон животната средина“.

Во своето обраќање пред претставниците од партнерските организации на
Програмата за соработка „INTERREG Balkan-Mediterranean 2014-2020“ кои доаѓаат
од 5 држави: Грција, Бугарија, Кипар, Албанија и од нашата земја,
градоначалникот Илија Јованоски рече дека Општина Прилеп долгорочно
инвестира во системи за водоснабдување, одведување и пречистување на
отпадни води.

„Во текот на претходната година заврши изградбата на пречистителната станица,
со што се заокружи системот кој ќе овозможи враќање на водата назад кон
животната средина, во форма иста како од нејзиниот извор. Општина Прилеп во
наредниот период активно ќе инвестира средства не само во градот, туку и во
руралните средини, со цел подобрување на условите за живеење на жителите од овие населени места. Токму поради тоа, интензивно инвестираме и во урбанизација на просторот на целата територија на општината. Иако како општина имаме најголема територија во државата, за период од една година ќе имаме урбанизиран простор за повеќе од 60% од територијата на нашата општина“, истакна градоначалникот Јованоски.

Исто така, Јованоски рече дека како граѓани, сите заедно можеме да придонесеме
за зачувување и заштита на животната средина, особено во грижата за
рационално користење на водата, која како ресурс ја нема во неограничени
количини, но затоа пак е од витално значење.

Директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески напомена дека со овој
проект јавното претпријатие ќе стекне ново искуство и ќе овозможи реализација на
поголеми проекти со повисоки стандарди.

„Дозволете да изразам благодарност и до Владата на Република Северна
Македонија, што не’ поддржа во спроведувањето на овој проект. Со овој проект,
ЈКП ‘Водовод и канализација’ всушност ќе стекне едно ново и поинакво искуство,
кое само по себе ќе донесе можност за нови и поголеми проекти, со кои ќе се
претстави како современо претпријатие со европски стандарди“, нагласи Јанески.
Претставникот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Панче
Орцев потенцираше дека во циклусот на водата, од изворот па до нејзино
повторно враќање во природата, улогата на Регулаторната комисија е прилично
голема бидејќи на 70-80% од водата и водните услуги, таа ја одредува цената.

„Досега, од носењето на Законот за утврдување на цените на водните услуги во
2016 година, завршен е процесот за донесување цени и тарифи за сите водни
услуги, за сите јавни комунални претпријатија во Република Северна Македонија.
Моментално сме во процес на собирање на податоци и извештаи за 2018 година
на првата група јавни комунални претпријатија, кои согласно анализите кои ќе ги
добиеме ќе ни дадат податоци што и каде треба да се подобри во јавните
комунални претпријатија“, изјави Орцев.

На работилницата свои излагања имаа претставници на сите партнерски
организации, како и на АДКОМ и Општина Прилеп.