Прилеп го одбележа 2 Август – Денот на Републиката

Со положување свежо цвеќе пред спомен обележјата на Методија Андонов – Ченто, Кузман Јосифоски – Питу, Ѓорче Петров, Пере Тошев и на Могилата на непобедените, делегации од локалната самоуправа, Совет на Oпштина Прилеп, Здружението на борци и претставници од политичките партии им одадоа почит на сите заслужни дејци и револуционери кои го дале животот за слободна и независна Македонија, со тоа одбележувајќи го големиот државен празник 2 Август – Денот на Републиката.

„Оваа година, одбележуваме 116 години од Илинденското востание и 75 години од Првото заседание на АСНОМ. Одаваме голема и длабока почит на Илинденците и револуционерите кои ги ставија темелите и го покажаа патот на новата македонска независна држава. Сите ние треба да се поклониме пред она што направија за нас и за идните генерации, затоа ги повикувам сите граѓани на Прилеп, сите политички партии и чинители во општеството да дадеме се’ од себе, да покажеме заедништво зашто единствениот пат е Европската унија. Нека е за многу години празникот Илинден“, посочи градоначалникот Илија Јованоски во својата изјава.

„Денешниот ден  е еден од најважните денови за македонскиот народ, запишан со златни букви, зашто во 1903 година Македонците се организирале во македонско–револуционерна организација и за прв пат кренале востание за ослободување на македонскиот народ и за формирање на држава“, посочи Илија Велкоски од Сојуз на борци на Прилеп.

Оваа година, се одбележуваат 116 години од Илинденското востание и 75 години од Првото заседание на АСНОМ.