„Предизвик за млади истражувачи“ – јавен повик до сите основци и средношколци

Фондот за иновации и технолошки развој, заедно со Министерството за образование и наука денеска во големата сала на Општина Прилеп организираа инфо – сесија, на која што беше презентиран новиот јавен повик насловен како „Предизвик за млади истражувачи“. На настанот присуствуваа градоначалници, директори и професори од основните и средни училишта од општините од Пелагонискиот плански регион.

Во овој проект се вклучени сите основни и средни училишта на територијата на Македонија, со цел поттикнување на креативно размислување, иновација и наука помеѓу учениците.

„Со овој јавен повик сакаме да ги вклучиме основните и средните училишта од целата територија на Македонија, а мотивот и целта се да се поттикне креативното размислување помеѓу учениците и наставниците, да воведеме еден нов метод на иновација, да ги поттикнеме самите ученици малку да размислуваат во насока на иновација, инвенција и креативност. Овој предизвик го органзираме заедно со Министерството за образование и наука, со вкупен буџет од 1.500.000 денари. На овој јавен повик „Предизвик за млади истражувачи“, може да учествуваат проектни тимови составени од наставници и ученици од 1 до 2 наставника и од 3 до 7 ученици. Истражувачките проекти треба да се однесуваат на природните и техничките науки, да се основаат на научен метод, да вклучуваат формулација и потврда на хипотеза по пат на експеримент и набљудување. Очекуваме проекти кои ќе имаат видливи резултати. Во форма на истражувачки есеј, аудиовизуелен материјал, дигитален материјал и слично. Рокот за апликација на овој проект е до 15 февруари следната година, а аплицирањето започна на почетокот на декември“, истакна Неда Икономова Гавриловска, претставник од Фондот за иновации и технолошки развој.

Икономова потенцираше дека првонаградениот проект ќе добие 300.000 денари, а значајно е и тоа што, наставниците што ќе бидат лидери на тимовите ќе добијат и финансиски средства во вредност од 30.000 денари, кои што понатаму можат да ги искористат за истражувачка дејност.

Директорот на прилепската гимназија, Диме Настески истакна дека со овој проект ќе се развие желбата за истражување и ќе се стимулира напредокот во повеќе научни области на учениците.

„Како директор на гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп го поздравувам овој потег на Фондот за иновации и технолошки развој, бидејќи тоа ќе биде уште еден предизвик за нашите ученици да се докажаат во областите од природните и техничките науки со проекти, коишто мислам дека ќе бидат многу иновативни и со кои ќе се придонесе да се развие желбата и да се стимулира напредокот во овие области на сите ученици. Мислам дека оваа идеја, ќе биде добро прифатена од сите ученици и професори од гимназијата“, рече директорот Настески.

После пријавувањето се очекува проектите да бидат реализирани за околу 6 месеци и потоа ќе бидат одбрани најдобрите. Комисијата за избор ќе биде составена од член на Министерството за наука и образование, Фондот за иновации и технолошки развој, од Бирото за развој на образованието и плус три експерти од техничките и природните науки.