По повод „3 Декември“ претставници од Советот на Општина Прилеп и Локалната самоуправа го посетија ООУ „Климент Охридски“

Во пресрет на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, членови на Советот на Општина Прилеп и делегација од Локалната самоуправа денеска ги посетија паралелките каде учат дечиња со посебни потреби во ООУ „Климент Охридски“. На дечињата претставниците од Општина Прилеп им подарија пригодни подароци и училишен прибор, а присуствуваа и на пригодната програма која ја подготвиле овие ученици.

„Тука сме во името на Локалната самоуправа, градоначалникот и Советот симболично да го честитаме овој ден, ден кој што треба сите нас да не потсети дека овие лица постојат, дека тие се дел од нас и нашето општество. Ние треба да работиме во рамките можности и надлежности да носиме одлуки кои ќе го олеснуваат нивниот живот, ќе овозможат нивно полесно вклучување во сите полиња на општествениот живот. Наша прва заложба како локална самоуправа треба да биде во насока на подигнување на свеска кај сите луѓе дека лицата со посебни потреби се дел од нашето секојдневие и прва работа која треба да ја направиме треба да биде во насока на подигнување на свеста дека кај овие лица прво треба да ги видиме нивните способности, а не нивните недостатоци. Кога тоа ќе го направиме тогаш сме ги отстраниле сите првични бариери за нивно вклучување во општестевното жиеење“, изјави Елена Ташкоска, член на Совет на Општина Прилеп.

Во ООУ „Климент Охридски“ се образуваат 42-јца ученици со посебни образовни потреби од 1 до 9 одделение и кои се со постојана поддршка на наставниците дефектолози.

„Денеска сме собрани во пресрет на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата до попреченост, да го одбележиме достојно тој ден и да им дадеме на сите кои имаат потреба и поддршка за образование, да ја искажиме нашата грижа за нив. Исто така се надеваме на промени во законската регулатива за подобра здравствена и социјална заштита на овие лица и подобри образовни услови. Условите за работа во нашето училиште се далеку подобри за разлика од минатото, но треба уште работа. Подобрување во однос на изготвување на нови и подобри програми за работа со учениците спрема нивните потреби и усовршувањето на наставата“, рече Елизабета Христоска, наставник – дефектолог во ООУ „Климент Охридски“.

Од здружението за лица со посебни потреби „Порака“ истакнаа дека е потребно отворање на повеќе дневни центри во Прилеп каде овие лица би биле згрижение во текот на денот.

„Се надеваме дека нашиот социјален клуб во иднина ќе прерасне во дневен центар каде што ќе има 5 полни работни дена, лицата ќе бидат згрижени 8 часа во текот на денот, а целта на сето ова е подобрување на нивниот живот и на животот на нивните родители, каде еден родител секогаш треба да биде покрај лицето со посебни потреби. Со отворање на вакви центри нема да има потреба од тоа и родителите ќе може да стапат во работен однос за да имаат подобра егзистенција за живот. Потребен е стручен кадар и тим, но пред се во стручниот тим кој ќе ги води тие лица да има вклучување и на родителите од тие деца, рече Раде Аљакоски, претседател на здружение на лица со посебни потреби „Порака“.

Инаку ова здружение во Прилеп функционира веќе 48 години и моментално во нивниот социјален клуб се згрижени 25 лица.