Општина Прилеп ве поканува на новогодишна забава во центарот на градот

Со перформанс посветен на дечињата со ликот на имагинарниот
волшебник од Лапонија – Дедо Мраз и бројни ликови од детските
претстави на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во 11:00 часот,
почнува годинешната богата програма за пречек на Нова година, во
организација на Општина Прилеп.

„Вовчето во кое ќе се возат ликовите од новогодишната претстава, Дедо Мраз, џуџињата од уличниот перформанс, како и ликови од детските претстави ќе бидат дел од парадата. Овие детски ликови со вовчето ќе се движат низ улиците на градот и ќе ги повикуваат децата на плоштад, каде што ќе се делат подароци за најмладите“, вели Јана Јанеска
Ристески, дел од тимот за организација на новогодишната програма на
Општина Прилеп.

А, за најмладите на плоштадот во рамки на перформансот Дедо Мраз ќе
подели 1000 новогодишни капи, ЦД-ња со детски песни и чорапчиња.

Вечерната програма почнува во 21:00 часот со настап на Нино
Величковски и неговите тамбураши. Потоа настапуваат: Чоки и
„Фортисимо“, „The Hounds“, Dj Dave Schwartz и Dj Alek Young. „Agni Fire
Dance“ со свој перформанс ќе бидат присутни меѓу публиката.

„Годинава, ние членовите на Мал прилепски театар и студиото ‘Зодијак’
ќе бидеме вклучени во т.н. работилница ‘Во Лапонија и пристигнувањето
на Дедо Мраз“, изјави Саша Нацески, директор на приватниот театар
„Чин 4 сцена 5“, на денешната прес конференција во Општина Прилеп.

„На 31-ви декември, групата The Four ќе настапи со македонски
евергрини како што се ‘Ех, тој Тоше’, ‘Визба стара и гитара’, ќе си
поминеме супер и ги поканувам сите дечиња со своите родители да
бидат дел од оваа забава“, ја упати својата покана групата “The Four“.

„Со мојот бенд ќе се потрудиме за добра забава. Да посакам добро
здравје, многу среќа и успех во новата година“, ја испрати својата
новогодишна порака, Гоце Бошкоски Чоки, вокалистот на „Фортисимо
бенд“.