Општина Прилеп одвои 450 илјади денари за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија

Денеска, по иницијатива на градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески се одржа вонредна седница на Советот на Општина Прилеп на која беше донесена Одлука за обезбедување средства од Буџетот на општината, како донација за семејствата на настраданите од земјотресот во Турција и Сирија.
Донацијата на Општина Прилеп и граѓаните на Прилеп, во знак на поддршка, солидарност и пријателство, изнесува 450 илјади денари Буџетот на Општина Прилеп за 2023 година, од кои 300.000,00 денари за настраданите од земјотресот во Република Турција и 150.000,00 денари за настраданите во катастрофалниот земјотрес што истовремено се случи и во Сириска Арапска Република (Сирија).
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски при оваа прилика повторно го изразија своето сочуство до настраданите во земјотресот и упатија искрено жалење за загинатите во оваа голема природна катастрофа што се случи во Турција и Сирија.

Покрај пунктот за донации кој е поставен во центарот на градот, каде граѓаните на Прилеп донираа и донациите преку отворените телефонски линии, Општина Прилеп понуди и обучен тим од ТППЕ Прилеп во координација со ДЗС подрачна единица Прилеп, за директна помош со човечки ресурси во подрачјата каде што има потреба, а прилепскиот бизнис секторот организиран преку Регионалната стопанската комора – Прилеп, веќе упати помош во настраданите подрачја.