Одговори на премиерот Заев на новинарски прашања, при денешната посета на Прилеп

На новинарско прашање дали го поддржува ставот на вицепремиерот Кочо Анѓушев, во врска со промената на името на државата, премиерот, Зоран Заев при денешната посета на откупниот пункт на Тутунски Комбинат во Прилеп, истакна дека тој е демократ и дека ги почитува сите мислења. Премиерот смета дека 2018 г. особено првото полугодие е одличен период, за да се најде решение на овој проблем и Македонија да исчекори напред.

„Вицепремиерот Анѓушев е повикан од коморите, буквално практичар да дојде овде, за да помага околу економските прашања. Јас сум демократ, ги почитувам сите размислувања и дебати. Немаме навлезено во суштина на разговорите со Грција. Се надевам дека ќе навлеземе во суштината со конечно решение на овој проблем, кој што Грција го има со нашето уставно име. Веројатно варијаблите што се дискутираат во јавноста, си дозволил и вицепремиерот Анѓушев да ги коментира отворено. Треба да знаат граѓаните дека ќе бидеме транспарентни во процесот. Но, досега она што е разговарано во посредништвото со Метју Нимиц е решителноста на двете страни да навлезат суштински во решавањето на проблемот, кој што Грција го има. Јас верувам дека ќе се изнајде решение на сите нивоа. Пред сè помеѓу министрите за надворешни работи, помеѓу нас премиерите, 2018 г. првото полугодие е одличен период да најдеме решение на овој проблем и Македонија да исчекори напред. Да добиеме датум за преговори со ЕУ и да ја стартуваме автоматската покана од НАТО за полноправно членство“, истакна премиерот Заев.

На прашањето како планира да се справи со ситуацијата, по изборот на јавен обвинител што „покажа дека Владата има танко и нестабилно мнозинство во парламентот“, премиерот Заев со оценка:

„Тоа е добро за Македонија, не ни требаат нови диктатори во државава. Тенкото мнозинство беше потврдено и при формирањето на Владата. Тоа мнозинство и сега се држи на некои 61 до 65 пратеници во зависност од нивната определба, на точката на дневен ред, но на крајот на денот тоа е добро за демократијата. Јас сум растеретен човек. Додека има мнозинство има и Влада, ако нема мнозинство се прегрупираат политичарите во обиди да создадат ново мнозинство, ако не се оформи избори не ни бегаат. Она што е важно за бизнисмените и граѓаните е дека јас како мандатор и како премиер не планирам во 2018 година да има избори. Тоа е година во која што треба да одработиме, граѓаните да го почувствуваат тоа, ние ветивме живот за нив. Животот се појавува насекаде, луѓето го чувствуваат тоа, слободата е насекаде, но мораме да ги подигнеме економските параметри. Тоа се и со право очекувања на сите граѓани на Македонија. 2019 година е период кога ќе има претседателски избори, дотогаш треба сите да се посветиме, без разлика дали сме власта или опозиција да одработиме за граѓаните“, потенцираше премиерот Заев.

На новинарско прашање како го коментира сомнежот на Зијадин Села дека зад именувањето на Филипче за министер за здравство, стои бизнис договор за Клинички центар помеѓу СДСМ и ДУИ, Заев со став:

„Јас само ќе апелирам за трезвеност од страна на политичарите, коишто веројатно се наоѓаат во незгодна ситуација. Сакам да соработувам со сите политичари и политички партии. Д-р Филипче е навистина докажан неврохирург, еден од најдокажаните во Македонија и во неговата специјалност. Млад човек кој ги знае сите детали во нашето здравство и заедно со останатите институции, задено со мене како премиер и другите министри од економските ресори имаме сериозна агенда,која што ќе значи унапредување на здравството во Македонија. Зголемување на платата на медицинскиот персонал и на специјалистите, но и обезбедување на инструменти и севкупни услови за работа. Знаете дека врв на приоритетите на граѓаните е здравството и навистина вакви инсинуации би ги барекол глупости. Верувам дека сите ќе бидеме со позитивна мисла, да донесеме еден нов квалитет кој на крајот ќе го почувствуваат граѓаните“, изјави Заев.

По однос ставот на Села рече ќе излезе од Владата кога ќе се донесе законот за јазиците и дека не се работи само за пополнување на испразнето место во Владата, премиерот потенцираше дека Министерството за здравство по дефолт не следува ниту на една политичка партија, не следува ниту на СДСМ.

„Едноставно се пополнуваат испразнети места. Тогашниот министер Арбен Таравари, сегашен градоначалник на Гостивар, ниту извести за намерата, ниту извести за тоа, едноставно објави дека одлучил да се кандидира за градоначалник на Гостивар. Слободата на избор е право на секој граѓани, но таа слобода на избор без да разговараме доведе до тоа што го имаме денес. Министерството за здравство по дефолт не следува ниту на една политичка партија, не следува ниту на СДСМ, а не пак на некоја помала партија. Знаете дека секогаш императив при составување Влада е квалитетот на кадрите, што се нудат. Секогаш постои отворена дебата и од квалитетниот секогаш постои поквалитетен, но секогаш треба да се водиме од она што значи одговорност пред граѓаните. Се работи за сериозни институции. Министерството за здравство е едно од најважните во државата, затоа што допира до буквално сите семејства во Македонија. И од тука многу е логично недавањето поддршка на Алијансата на доктор Филипче. Тие со тоа најавија дека заминуваат од Владата. Останувам со намерата дека ќе можеме да продолжиме да соработуваме и она што значи реформи, Законот за јазици, ратификацијата на Договорот со Бугарија, двотретинските закони што доаѓаат во Македонија, одговорноста за унапредување на севкупниот квалитет на животот во Македонија е на сите. Како ќе се однесуваме одговорно, така и граѓаните ќе нè вреднуваат на следните избори“, додаде Заев.

На новинарско прашање околу промената на законот за јавни претпријатија и околу изборот на нивни директори премиерот Зоран Заев рече дека законот за административни службеници е веќе во Собрание и верува дека до крајот на годината тој ќе се отвори и ќе има промена на дел од критериумите.

„По долги години поминати како градоначалник јас ја знам одгорноста на функцијата градоначалник и одговорноста на советниците во општините. Градоначалниците од редовите на СДСМ нас не известуваат како раководство и јас како лидер на партија ги следам информациите, сметам дека се сака да се превземе управувањето и одговорноста затоа што е пренесено од граѓаните. Сакаат да покажат резултат, поставувањето на в.д. директори е законско право, очекувам веднаш да се реализираат постапките по пат на јавни конкурси и на еден транспарентен начин да се кандидираат кандидати согласно законските условите ќе можат и тие да превземат законска одговорност. Законот за административни службеници е веќе во Собрание и верувам дека до крајот на годината тој ќе се отвори. Овде за дел од критериумите се прават промени, особено на оние сертификати, кои секој треба да ги обезбеди, а не се неопходни. Ако се работи за позиција застапник на Македонија пред судот за човекови права, тогаш да 100% треба да знае англиски јазик и да го има сертификатот за англиски јазик, но јас сум убеден дека тоа не треба да постои за сите институции. Таму каде што тоа е потребно е потребно. За деталите ќе ги прашате надлежните министерства, законот се носи во една транспарентна постапка, вклучени се буквално сите синдикати, коморите, се што правиме е да го унапредиме квалитетот на законодавството кое што ќе даде функционалност на сите институции во Македонија, без разлика дали се државни или локални. Најавувам промена на законот за комунални претпријатија, комунални дејности, законот за локална самоуправа, законот за отпад за решавање на депонитее во Македонија, тоа ќе премине под надлежност на Министерството за екологија за да конечно ги решиме сите депонии во Македонија“, изјави Зоран Заев, премиер на РМ.