Новогодишен концерт на музичкото училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ од Прилеп

Новогодишниот дух и празничната магија, полека, но сигурно стануваат дел од секојдневието на Прилеп. Потврда за тоа се големиот број културни манифестации, што се одржуваат во градот по повод претстојните празници. Вечерва по 22-ри пат основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ од Прилеп го одржа својот традиционален новогодишен концерт, во театарот „Војдан Чернодрински“, на кој учениците се претставија со повеќе дела.

„Секоја година ООУМ „Ордан Михајлоски – Оцка“ одржува предновогодишен концерт, за да се прикажат достигнувањата и успесите на нашите ученици. Една од целите на концертот е музиката да не е исклучиво сериозна, ќе имаме и презентација на популарна музика за да се создаде една убава предновогодишна атмосфера. Исто така имаме и божикни песни, за да биде атрактивен целиот настан за публиката“, вели директорката Ролина Тутеска Димеска.

Таа додава дека во последно време заинтересираноста на младите за посета на музичкото училиште е голема. Моментално училиштето го посетуваат 363 ученици.

„За поголема промоција на училиштето во иднина, планирам организација на што е можно повеќе семинари, да се шири училиштето во смисла на тоа да се организираат ревијални вечери, разни настапи, концерти и да се има поголема соработка со другите градови. Она што ни недостасува во овој момент е помала сала за интерни часови и помали концерти. Години наназад го доставуваме тоа како барање, но не се реализираше. Училиштето сега е целосно реконструирано, но на Прилеп му недостасува една концертна сала и таа треба да се изгради во најскоро време“, порача директорката Тутеска Димеска.

Учениците музицираа на клавир, виолина, флејта, труба, кларинет, хармоника, народни инструменти и соло пеење.

„Јас учам виолина веќе 8 години. Виолината мислам дека го дава најубавиот звук, токму затоа и ја одбрав како инструмент. Вечерва ќе се претставам со делото ‘Мал виенски марш’ од Крајслер. Имам учествувано на многу државни и меѓународни натпревари. Сум добивал многу први, втори и трети награди. Мојата идна цел е да настапувам во странските земји како врвен виолинист“, вели ученикот Леонардо Димоски.

„Јас веќе 4-та година сум во музичкото училиште во Прилеп. Свирам саксафон, затоа што уште како мал го гледав мојот татко како свири на саксафон и затоа и јас се одлучив за овој инструмент. Настапувам на полно концерти, сега бев и на еден меѓународен натпревар каде освоив прва награда во камерна музика, а оваа година добив исто така и награда на еден државен натпревар. Идна цел во животот ми е ако веќе продолжам да свирам на овој инструмент и професионално да се занимавам со тоа“, рече ученикот Мирослав Миленкоски.

Концертот со особен интерес го следеше и градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.