Нов пожар во околината на Прилеп, гори шумата над манастирот во с. Селце

Нов голем пожар денеска се појави кај село Селце, во непосредна близина на манастирот „Св.Димитрија“.

Со пожарот е зафатена густа борова шума која се протега веднаш над манастирот, а покрај екипите на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Прилеп, на терен излегоа стотина вработени во јавните претпријатија, како и поголем број на доброволци. Бидејќи огнот се шири со голема брзина, на помош пристигнаа и авионите за гаснежење пожар од Дирекцијата за заштита и спасување.

Меѓу првите кои пристигнаа на местото каде избувна пожарот беа градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски.

„За брзо време пристигна возило на ТППЕ кое беше поставено во дворот на манастирот ‘Св.Димитрија’, затоа што пожарот веќе беше стигнат на педесетина метри од манастирот. Од Дирекцијата за заштита и спасување веднаш побаравме воздушна поддршка за гаснење на пожарот, стапивме во контакт и со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Ни беше одговорено дека авионите веднаш ќе бидат испратени и, како што видовте, тие пристигнаа и заедно со пожарникарите, стотината вработени во јавните претпријатија и доброволци, се вклучија во гаснење на пожарот“, изјави градоначалникот Јованоски.