Градоначалникот Јованоски им ги врачи наградите на учениците од конкурсот „Хуманоста – темел во меѓучовечките односи“

Градоначалникот Илија Јованоски денеска им ги врачи наградите на учениците, коишто според жири комисијата имаа најдобри раскази на конкурсот што за сите основни училишта го распиша Општина Прилеп на тема „Хуманоста – темел во меѓучовечките односи“, а по повод чествувањето на патронот на градот,на празникот „Свети Никола“.

Ерика Јованоска од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ ја доби првата награда за напишан расказ, второто место го поделија учениците Иван Танески и Борис Ночески од ООУ „Кочо Рацин“ и „Кире Гаврилоски-Јане“, а третото место ѝ припадна на ученичката Матеа Стојаноска од ООУ „Рампо Левката“.

„Благодарна сум зошто учествував на ваков натпревар, со пишување се занимавам уште од мала. Но, поинтензивно кога почна да ми предава наставничката Сузана Николоска која освен што ми е ментор заедно имаме добиено многу награди“, вели првонаградената Ерика Јованоска.

Иван Танески од ООУ „Кочо Рацин“ упати голема благодарност за можноста да се натпреварува на еден ваков натпревар, а натпреварот како што рече ќе му биде мотив да пишува уште поубаво. Борис вели дека голема заслуга за љубовта кон пишаниот збор, има неговата менторка Наташа Кулеска.

Сличана е и приказната со ученикот од ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“, Борис Ночески добитник на втората награда. Борис вели дека поинтензивно започнал да пишува, откако менторот Сузана Николоска го открила неговиот талент. Во моментот се подготвуваат за меѓународниот конкурс на поезија и проза во Мостар и се надева дека ќе се вратат со награда.

Трето место го освои ученичката Матеа Стојаноска од ООУ „Рампо Левката“ чиј ментор е професорот Роберт Ристески.

„Мојата инспирација ја црпам од секојдневниот живот. Благодарам на Општина Прилеп за идејата и можноста да учествуваме на ваков конкурс“, вели Матеа Стојаноска.

Градоначалникот Јованоски на сите ученици им подари книги и дипломи. Од буџетот на Општина Прилеп наменет за поттикнување на развојот на образованието на учениците им се доделени и парични награди. За првата награда предвидени се 3.000 денари, за втората 2.000 денари и трета награда 1.000 денари.

Ова е само една од многубројните активности кои се организираат во Прилеп по повод патрониот празник на градот. Исто така во тек и хуманитарен турнир во мал фудбал, а собраните средства ќе бидат неменети за опремување на нов Центар за децата со церебрална парализа.