Буџетот за 2018 претставен пред граѓаните на Општина Прилеп

Во рамките на четвртиот по ред „Граѓански парламент“, градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, денеска во големата општинска сала пред граѓаните, НВО секторот и другите граѓански здруженија презентираше како ќе биде распределен буџетот предвиден за 2018 година, кој треба да изнесува 1.135.906.000 денари.

Граѓаните можеа да предлагаат и свои идеи и сугестии каде и како најдобро и најпотребно треба да се распределат општинските пари за идната година.

„Денеска пред граѓаните го изнесов предлог буџетот за 2018 година во рамки на „Граѓанскиот парламент“, како што и претходно беше моето ветување. Тие може да ги кажат своите мислења и проекти што мислат дека треба да влезат во новиот буџет. Нивните забелешки ако имаат реални можности за реализација ќе бидат внесени во буџетот. Ова е одлична прилика за да и самите граѓани учествуваат во креирањето на тоа како ќе се трошат нивните пари“, истакна Илија Јованоски.

Овој предлог буџет во вторник, на 26 декември, ќе биде изнесен на седницата на Советот на Општина Прилеп.