Заев: Просечната цена на тутунот е 209,5 ден., а ќе има зголемување и на субвенциите

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посебната советничка за земјоделство шумарство и водостопанство на премиерот, Ленче Николовска и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, денеска го посетија откупниот пункт на Тутунскиот комбинат во Прилеп. Како што рече премиерот Заев, просечната откупна цена досега е 209,5 денари за килограм тутун. Оваа цена плус субвенциите даваат просек од 269 денари или околу 4,4 евра за килограм тутун.

„Оваа е убава година за тутунопроизводителите, затоа што има добар квалитет на тутунот. Со сегашната просечна цена можеме да кажеме дека тутунарите остваруваат достоинствени приходи. Разговаравме со земјоделците, тенденцијата е секогаш да има уште подобри цени, но споредувајќи го минатото со она што се случува денеска, навистина трендот на покачувањето на цените е задоволителен. Јас можам да го повторам тоа што земјоделците го кажуваат, дека од 10 декари се произведуваат 1.600 килограми или од декар 160 килограми тутун. Тоа значи околу 7.000 евра приход за земјоделците. Имајќи предвид дека просекот е 7 до 8 декари по семејство, доаѓа околу 5.000 евра приход за семејство, кое што професионално се занимава со тутунопроизводство. Мене ми е важно заедно со Владата да продолжиме со трендот на продуцирање на зголемување на побарувачката за тутунот. Тоа значи дека мора да отвориме нови перспективи за Тутунскиот Комбинат- Прилеп. Комбинатот ќе има своја иднина со што ќе се отвораат постапките за негова трајна трансформација, каде што ќе ги зголемиме и количествата на откуп, но и количествата на финалниот производ. Мило ми е тоа што влегуваат и нови откупни компании во Македонија. Фирмата ‘Мисиријан’ од Грција е веќе нов откупувач на тутун, а ќе започне со работа од март. Тие веќе отворија фирма ‘Мисиријан’ ДООЕЛ во Струмица, но ќе откупуваат и овде. Тоа значи зголемен број откупувачи, зголемена побарувачка која што ќе ја подигнува цената на тутунот и на крајот на денот поголемиот дел заработувачка да останува кај тутунопроизводителите“, рече премиерот Зоран Заев, денеска во Прилеп.

Заев потенцираше дека откупот се одвива организирано и контролирано, дека нема незадоволни тутунари, а резултат на тоа како што рече е зголемената побарувачка и добриот квалитет на тутунот. Во Македонија од оваа гранка егзистираат околу 30.000 семејства или над 100.000 граѓани.

Заев најави зголемување на субвенциите.

„Од идната година започнуваме со измените и дополнувањата на Законот за тутун , а тоа значи воведување на раст на субвенциите. Знаете дека со промените на Законот кои што оваа година ќе се донесат, а ќе важат од идната година, првата класа ќе биде субвенционирана со 80 денари, втората класа со 70 денари, а другите класи со по 60 денари. Ова го најавувам за сите тутунопроизводители како дополнителна мотивација, не само да произведуваат тутун, туку и да произведуваат квалитетен тутун, знаејќи дека ќе земат и поголеми субвенции. Остануваме максимално фокусирани на ова, затоа што нашиот народ живее од тутунот. Ќе го поддржуваме и понатаму земјоделството, надевајќи се дека и младите генерации ќе бидат доволно мотивирани да продолжат со производство и на храна и на сите останати земјоделски производи, како што е тутунот“ потенцираше премирот Заев.

Тој најави во иднина и јавни дебати со стручната фела, со цел да се дојде до намалување на ценовната разлика помеѓу класите, од што не се задоволни земјоделците. Сега првата класа е 280 денари, третата е 145, а втората 190 денари.

„Но најважно е како да продуцираме зголемена побарувачка од откупувачите. Тоа значи самите откупни фирми да имаат дополнителна побарувачка, но и да донесеме нови фирми, како што и доаѓаат. Сите ќе се натпреваруваат, кој да го добие тутунот. Ако при ваков натпревар имаме исчекор, каков што сите очекуваме, тоа на крајот ќе значи ефект за подигнување на цената на тутунот. Неможеме да се пожалиме од оваа цена, која што моментално ја имаме, секогаш може и повеќе , тоа е вечна борба. Но, се надеваме дека ќе ги следиме пазарните механизни, државата е секогаш тука да асистира и да помага, секогаш кога ќе се случат турбулентни периоди. Но, мене ми е мило што навистина квалитетни пари ќе останат кај земјоделците, за да можат да имаат и проширена репродукција“, порача Заев.

На новинарско прашање кои мерки ќе ги преземе Владата за зголемување на системите за наводнување, затоа што Прилеп е еден од регионите, кои се соочуваат со овој проблем, Заев рече дека годишно Владата ќе издвојува по 10 милиони евра за оваа намена.

„Дел од политиката во земјоделството е обезбедување системи за наводнување и водоснабдување. Годишно, Владата издвојува 10 милиони евра за оваа намена и тие се предвидени во новиот буџет и програмите. Ако зборував дека се произведуваат околу 160 килограми во просек од декар, тогаш можеме да стигнеме и над 200 килограми од декар, ако имаме системи за наводнување. Тоа на сите ни е јасно, гледате дека се работи за зголемување поголемо од 30%, само ако има вакви системи и затоа ќе инвестираме во тоа“, рече Заев.

Претходно владината делегација го посети и кривогаштанскиот регион.

Видете и...

Градоначалникот Јованоски на сите православни христијани им го честита празникот Богојавление – Водици

Со желби за многу здравје, љубов и среќа, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, на …