Второнаграден расказ од Иван Таневски – „ХУМАНОСТА-ТЕМЕЛ ВО МЕЃУЧОВЕЧКИТЕ ОДНОСИ“

Светски познатиот, големиот музичар Луис Армстронг го испеа за мене еден од најубавите хитови ,,Прекрасен свет”(,,What a wonderful life”), но тој ист свет за жал е испреплетен со многу несреќи, страдања, беда, болести, разочарувања, глад, студ…

Тогаш кога ќе чуеме некоја вест за тешка судбина, ќе видиме подадена рака што проси, нем поглед и насолзени очи, апел за помош или нешто слично и ако во нас нешто заклокоти, нѐ разгори, нѐ поттикне да сториме нешто, ете тоа е она човечкото во нас. Нешто што нѐ прави различни од другиот жив свет во природата, нешто што се нарекува хуманост.

Самиот збор хуман доаѓа од зборот човек. Значи ако во буквална смисла го преведеме истиот ќе означува човечност. Но, ако подлабоко навлеземе во неговото значење ќе сфатиме дека тоа не е само обичен збор. Тој збор значи давање, подарување, помагање, несебична поддршка…

Хуманоста е темелот на меѓучовечките односи и ако тој темел е здрав, сигурен и вистински, може врз него да се додава, да се гради, да се украсува. Хуманоста како основа на меѓучовечките односи помага човекот да биде поблагороден, подобар, подарежлив, а сето тоа го прави понесебичен.

Задоволството е кај оној што дарува, а не кај оној што зема. Една стара кинеска изрека вели:

,,Оној што дава молчи и не кажува, а оној што добива памети”.

Богат човек не е оној кој има многу пари, богат е оној кој прави добри дела. Да си споменеме само на големата хуманистка Мајка Тереза, нашиот ангел Тоше Проески, славната дама со големо срце, Есма Реџепова, и многу други.

Постојат милиони начини како може да се помогне некому. Убав збор, подадена рака, парична помош, подготовка и донирање храна, огрев, облека, обезбедување топол дом. Организирање хуманитарни концерти, претстави, натпревари, дарување крв, а во последно време слушаме и за донирање на човечки органи.

Сето ова и уште многу други идеи може да произлезат од хуманите луѓе, сѐ со цел да му се олесни животот на некого. И овој, пишаниов збор, нека биде знак на хуманост, да нѐ потсети, да нѐ заборавиме дека таму некаде, некому, му е потребна нашата помош. А помошта е слична на бумеранг. Еден ден сигурно ќе ти се врати…

Моќна и магична е хуманоста. Нова година, Божиќ, Велигден, Бадник, Рамазан и ред други празници се само денови кога повеќе се размрдуваат емоциите на луѓето и ги тераат да размислуваат дека треба да им се помогне на немоќните, зашто ниту една вера, нација не е повисока од човештвото.

Затоа, ајде сите заедно да се потрудиме, со сите сили, хуманоста да не е ретка птица која лета во рамките на напатеноста!

Ученик:
Иван Таневски 8 в одд.

Ментор:
Наташа Кулевска
ООУ,,Кочо Рацин” – Прилеп