Василе Димески – добитник на награда диплома „3-ти Ноември“

Василе Димески годинава ја доби наградата диплома „3-ти Ноември“, за достигнување во областа на литературата и добитник на престижната награда „Державин“ за 2017 година.

Во 60-тите години на минатиот век станал член на литературниот клуб „Никола Јонков Вапцаров“ при градската бибиотека во Прилеп кога ги имал и првите посериозни контакти со литературата.

Димески вели дека во тоа време литературниот клуб „Никола Јонков Вапцаров“ бил еден од најдобрите литературни клубови на ниво на Македонија.

Како студент членувал и при литературниот клуб во Домот на градежниците. Паралелно со студиите работел прво како соработник, а потоа и како уредник на културната страница во весникот „Студентски збор“.

Во почетокот на 70-тите години ги постигнал најзначајните резултати на фестивалите во Врбас и Смедерево каде учествувале и по неколку стотини поети од сите Југословенски републики.

Кога се вратил во Прилеп се вработил како професор по македонски јазик во електромашинскиот училишен центар „Ристе Ристески – Ричко“ каде што го поминал поголемиот дел од работниот век.

Имал и прекин во континуитетот на литературното творештво од 20 години. Во литературата се вратил благодарение на моралната поддршка на пријателите, писателите Раде Силјан и Веле Смилевски.

За последната книга, „Ноќва душата си ја изедов“, ја добива и престижната награда „Державин“.

Димески вели дека наградата „3-ти Ноември“ за него била од големо значење и се надева дека граѓаните на Прилеп на тој начин се потсетуваат на сето она што тој го имал направено во текот на својот живот. Наградата претставувала и поттик за нови дострели и понатамошна работа.