Учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ испратија пораки за борба против насилството врз жените и девојките

Со перформанс што го означува симболот за борба против насилството на жените и девојките, учениците од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ од Прилеп денеска се вклучија во кампањата за стоп на насилството, која што започна на 25 ноември, Меѓународниот ден за борба, а завршува на 10 декември.

Настанот под мотото „Со срце за секоја една“ беше организиран во дворот на училиштето. Средношколците кревајќи го гласот во општеството, го демонстрираа патот на подигнување на општествената свест, сензибилизацијата на граѓаните за присуството, а особено потребата од решавање на овој проблем.

„Целта беше да се подигне свеста кај учениците, зошто статистиката покажува дека секоја трета жена или девојка е жртва на насилство и тоа од оние што им се најблиски. Затоа застанавме како училиште да дадеме поддршка во портокалова боја, се со цел учениците да го препознаат насилството, да се запознаат со тоа каде да го пријават насилството, а воедно и да кажат ‘СТОП’ за насилството“, посочи Петра Лукароска, професор по стручни предмети во СОУ „Ѓорче Петров“

Според Лилјана Ѓорѓиоска, претседателка на невладината организација „Преродба“ жената е столбот на семејството и треба да го најде своето место во општеството. Преку редовно организирање трибини и едукации активистките од „Преродба“ сакаат да упатат јасна порака за стоп врз насилството на жените и девојките.

„Преку целата година земаме активно учество и се бориме за да нема насилство против жените, девојките и малолетните лица. Но за жал со последните статистички податоци овој број е зголемен. Затоа треба да преземеме поголем број на акции со поширок размер и треба сите да се вклучат во оваа борба против семејното насилство. Ние како организација апелираме до надлежните да преземат поголеми и поквалитетни акции и овој процент да се намали“, посочи Ѓорѓиоска.

Јован Велески, специјалист по медицинска психологија во прилепската болница „Борка Талески“, истакнува дека насилствата најмногу се случуваат под дејство на алкохол.

„Во вакви случаи без разлика дали станува збор за жени или за мажи, бидејќи имаме, судските служби треба да донесуваат брзи постапки, а со помош на социјалните служби, жртвите на насилство да бидат соодветно згрижени“, порачува Велески.

Полициската станица во Прилеп во текот на оваа, 2017 година до Меѓуопштинскиот центар за социјална работа доставила 252 известувања за пријави за семејно насилство. Но, стручениот тим на центарот, досега констатирал дека околу 130 пријави од нив, се за семејно насилство.

„Има зголемување на семејното насилство во Прилеп во однос на лани, а зголемувањето се базира на подигнување на свеста кај граѓаните да ги пријавуваат овие случаи во полиција, од каде што ние добиваме известувања. Шелтер центар за жртви на семејно насилство во Прилеп нема. На жртвите им се нуди сместување во други вакви центри во Македонија, но најчесто тие одбиваат и се сместуваат кај свои роднини или пријатели, бидејќи работат во Прилеп и тука им учат нивните деца“, посочи Јасминка Митреска, дипломиран социјален работник во центарот.

Европската комисија по повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените и девојките, упатува јасна порака во која се посочува дека „жртвите на насилство често не го пријавуваат нападот“.

„Сведоците понекогаш одбиваат да преземат нешто. Заедно мора да го запреме тоа и да ги искорениме стереотипите, коишто ги потценуваат женските гласови и да покажеме дека насилството врз жените е неприфатливо и нема да се толерира од никого“, стои во соопштението на Европската комисија.

Видете и...

Во Прилеп одбележан – Светскиот ден на прегратката

„21 јануари“ е Светскиот ден на прегратката. По тој повод, денеска во просториите на градската …