Третонаграден расказ од Матеа Стојаноска – „ХУМАНОСТА – ТЕМЕЛ ВО МЕЃУЧОВЕЧКИТЕ ОДНОСИ“

Хуманоста е човечка особина која во денешно време изгледа дека се помалку се цени. Луѓето живеат затворени во свои микросветови и не сакаат да ги видат другите околу нив и нивните потреби. Дали веќе сите влегоа во брзиот воз кој ја изгубил контролата понесен од комплетната модернизација на животот во секоја смисла? Или сеуште постои надеж дека во последниот вагон остана место за хуманоста?

Хуманост – збор кој е синоним за човекољубие и несебичност, давање и делење на она што го имаш со оној кој тоа го нема. Но гледајќи што се случува секојдневно може да дојдеме до заклучок дека можеби луѓето зафатени со своите обврски и со брзото темпо на живот заборавиле на овој збор. Станале рамнодушни на туѓата несреќа и проблеми. Можеби заборавиле да бидат хумани? А можеби и никој не ги научил на тоа? Хуманоста е темел во меѓучовечките односи. Хуманоста не значи големо одрекување од сопствените потреби, ниту пак чини многу пари. Доволно е малку, за некого тоа би значело премногу. Можеби нашето малку за некого е се. Малку по малку , се собира многу. Кога секој би дал дел од она што го има, тогаш нема да има толку многу гладни, болни, беспомошни и бездомни. Хуманоста не знае за време и место, не познава националност, ни вера, ниту пак јазик. Доволно е да направиме добро дело, тоа секој ќе го препознае. Среќата на оној кој прима ќе ја зголеми среќата на оној што дава. Но најважно од се е кога помагаме, кога даваме, тоа да биде од срце, а не поради публицитет или добивање пофалби. Никогаш не треба да дозволиме личноста на која и помагаме да се почувствува навредена или омаловажена . Не смееме да гледаме од високо и да се фалиме со она што сме го направиле.

Во последно време многу се популарни специјални експерименти со кои се испитува во кој правец се движи човештвото во поглед на хуманоста. И речиси сите донесуваат ист заклучок. Ретки се оние кои ќе застанат да помогнат некому во неволја, ќе го поделат оброкот со некој гладен кој моли за корка леб, ќе засолнат бездомник, ќе спуштат паричка во испружената рака која срамежливо моли за некој денар… Безброј примери кои покажуваат дека хуманоста денес е реткост. А факт е дека кога некому помагаме се чувствуваме убаво и исполнето. Затоа да бидеме хумани, да не ја вртиме главата од оние на кои им е потребна помош.

За да им се помогне на луѓет кои навистина имаат потреба од тоа многу е важна организацијата. За да не дојде до злоупотреба на помошта и таа да стигне на вистинското место потребни се многу луѓе кои ќе работат несебично и посветено. За таа цел денес, во современиот свет се формираат хуманитарни организации за собирање храна, вода, лекови, облека, парични средства и преку нив се испраќаат онаму каде што е потребно. Се отвораат социјални центри, засолништа за бездомници, народни кујни, разни организации за заштита на човековите права. И на тој начин хуманите луѓе полесно се вклучуваат во помагање, а кога еднаш ќе помогнат некому, тоа не може да престане. Едноставно чувството на задоволство дека некому дале барем малку среќа и надеж им дава голема сатисфакција да продолжат со тоа што го прават.

Напиша : МАТЕА СТОЈАНОСКА 7-В одд.
ООУ „РАМПО ЛЕВКАТА“ – Прилеп

Ментор наставник : РОБЕРТ РИСТЕВСКИ