И оваа година „Јавен Простор“ ќе го оживее централното градско јадро

Со вчерашниот настап на латино бендот „Este Mundo“ од Малта, започна културната
манифестација „Јавен Простор Прилеп“, која годинава се случува по втор пат.

„Јавен Простор Прилеп“ е проект на здружението „Инфо Фронт Прилеп“, кое има за
цел да го оживее централното градско јадро преку претставување и креирање на
идејата дека јавниот простор треба да биде заедничко културно, рекреативно и
социјално добро на сите граѓани.
Минатата година овој проект беше одлично прифатен од страна на граѓаните на
Прилеп, а оваа година „Јавен Простор Прилеп“, ќе понуди нови содржини.

„Концертите, игранките, креативните работилници за деца, дискусиите, струшките
вечери на поезијата, различни типови на перформанси, велосипедските тури кои
оваа година ќе имаат нов лик остануваат и оваа година. Можам да го најавам
настанот кој ќе се случи на 22 мај во Градската библиотека насловен како „Скопски
филозофски филмски фестивал“. Останува соработката со НВО здруженијата,
приватните креативни училишта, а исто така и секој кој сака да ни се придружи,
случајно или спонтано може да го направи тоа со свој предложен настан. Такви
настани минатата година имаше многу“, посочи Звонко Димоски од „Инфо Фронт
Прилеп“.

Како организатори, од здружението „Инфо Фронт Прилеп“ велат дека се
презадоволни од посетеноста и од коментарите кои ги надминале нивните
очекувања во текот на мината година. И оваа година најголемиот дел од настаните
ќе се одржуваат кај Саат кулата во старата прилепска чаршија, а дел од нив ќе
бидат во други делови од централното градско подрачје.

Сите настани поврзани со „Јавен Простор“ можат да се следат на фејсбук страната
на javenprostorprilep.

Организаторите посочуваат дека овој проект ќе трае до средината на месец
септември.