Свечено доделени дипломи на новата генерација дипломци и магистри на економски науки

Денеска на Економскиот факултет на пригодна свеченост им беа врачени дипломи за завршено образование на 190 дипломирани економисти и на 49 идни магистри.На свеченоста присуствуваше градоначалникот, Илија Јованоски. Тој во своето обраќање им го честиташе постигнатиот успех, посакувајќи им натамошни успеси.

„Мојата главна заложба е вашиот конечен избор да биде секогаш Прилеп, секогаш Македонија. А, јас како градоначланик ќе се потрудам да се создадат можности за идни вработувања. Верувам дека тоа ќе се случи, со подобрување на економските услови за живот, со издигнување на процесот на образование“, порача градоначалникот Јованоски.

Присутните ги поздрави Ѓорѓи Манчески, декан на Економскиот факултет.

„Привилегија и задоволство е да се има можност, да се обрати човек во вака значајни моменти, вредни за паметење. Верувам дека низ времето поминато на овој факултет бевте дел од инспиративни предавања, плодни дискусии, бевте дел од академскиот живот на оваа институција, којашто во изминатите 57 години даде огромен придонес во образованието“, истакна Манчески.

„Новата генерација дипломци и магистри треба да го даде својот придонес во развојот на прилепското стопанство“, оваа е главната порака од денешната свеченост.