Свечена академија по повод патрониот празник на гимназијата „Мирче Ацев“

Свечена академија во театарот „Војдан Чернодрински“ се одржа вечерва, по повод патрониот празник на прилепската гимназија „Мирче Ацев“. Градоначалникот, Илија Јованоски во својата порака до средношколците истакна дека Општина Прилеп и тој како градоначалник, секогаш ќе излезат пресрет на барањата за реализација на новите идеи и планови на гимназијата.

„Младите во НОБ се бореа за вистинска слобода, а јас на младите денес ќе им посочам, да се борат за нови идеи, знаења и нови предизвици што ги носи новото време. Гимназијата „Мирче Ацев“ секогаш била расадник на добри кадри, а така ќе биде и понатаму“, порача градоначалникот Јованоски.

„Ги заокружуваме свеченостите за патрониот празник што започнаа уште минатата недела со спортски активности, поетска вечер, ликовна изложба. А, вечерва на традиционалната свечена академија особена чест ни прави присуството на градоначалникот Илија Јованоски кој беше некогашен ученик на гимназијата што зборува за богатството од знаења што го нуди гимназијата, а кое мислиме и понатаму да го продолжиме со што поголеми успеси“, рече Диме Настески, директор на гимназијата „Мирче Ацев“.

Гимназијалците по повод патрониот празник изведоа богата културно-уметничка програма. Свој настап имаше и гимназискиот хор под диригенство на професорката Татјана Иваноска, а со пригодни стихови се претставија  рецитатори и вокални солисти.

//////////