Се подготвува посната трпеза за градската слава „Свети Никола“

Прилеп се подготвува за големиот христијански празник „Свети Никола“, којшто од пред 11 години е прогласен за заштитник на градот и негов патрон празник. Традиционално прилепските домаќинки од сите женски здруженија со песна, со насмевки ги виткаат малите посни сарми. Кумови на годинешната градска слава се сопствениците на хотелот „Салида“.

„Свети Никола останал од прадедовци, нè здружува секоја година, со песна со игра, со ора. Ние како граѓани се гледаме на слави, имиња и на овие прекрасни манифестации“, рече Љубица Петреска, од организацијата на жени „Мајка Традиција“.

„Во подготвување на светиниколските сарми, на посната градска трпеза сме вклучени секоја година и оваа. Со радост сме овде и со желба, и годинешната посна трпеза да биде вкусна,зашто Прилеп и прилепските домаќинки се прочуени по вештините да ги подготвуваат вкусните посни сарми“, изјави Лилјана Ѓорѓиеска, oд организацијата на жени „Преродба“.

За сопствениците на хотелот „Салида“, како што велат кумството е голема чест за компанијата.

„Ќе се потрудиме заедно со Општината, организацијата на овој настан да биде на највисоко ниво. За патрониот празник на Прилеп, Свети Никола’, ќе бидат свиткани повеќе од 60.000 мали посни сарми. За трпезата пак што ќе биде поставена за граѓаните, на 19 декември во центарот на Прилеп, ќе бидат употребени 1.000 кгр. зелка, 700 кгр. грав, 700 кгр. ориз, 700 литри масло за готвење, 500 кгр. риби, бело и црвено вино, безалкохолни пијалоци и 800 литри ракија“, рече Ице Ѓорѓиоски, сопственик на хотелот „Салида“

Градоначалникот Илија Јованоски по средбата со домаќинките во манастирот „Свети Димитрија“ и по ведрите разговори со нив и годинешните кумови, изрази огромно задоволството што продолжува оваа традиција. Како што рече по примерот на Прилеп и другите градови во Македонија започнаа да поставуваат православни светители за свои заштитници.

„Оваа традиција што се негува со години од граѓаните и од младите генерации претставува симбол на заедништво и почит кон свети Никола. Денеска се наоѓаме во село Селце во манастирот ‘Свети Димитрија’ заедно со овие вредни домаќинки, коишто секоја година се соочуваат со истата приказна за подготовка на посни сармичиња, по повод нашата традиција за празникот ‘Свети Никола’. Сопствениците од хотелот ‘Салида’ се годинешните домаќини. Тие се погрижија за добра организација на градската слава. На сите прилепчани им ја честитам славата ‘Свети Никола’ со желби за многу здравје, среќа и успех, надевајќи се догодина дека ќе бидеме уште повесели и посреќни“, порача градоначалникот Јованоски.

Општина Прилеп и хотелот „Салида“ ги покануваат граѓаните на чествувањето на градската слава „Свeти Никола“, што ќе започне во 08:00 часот со Света божествена литургија во црквата „Свето Благовештение“. Во 12:00 часот ќе се изврши водоосветување и прережување на празничниот колач пред параклисот што го носи името на светецот, во центарот на градот. А, во 12:30 часот ќе биде благословена градската трпеза со што ќе биде означен и почетокот на празничниот ручек.

Во 13:15 часот градоначалникот Јованоски ќе им ги врачи наградите на учениците што ги освоија првите три места на годинешниот конкурс на тема: „Хуманоста – темел во меѓучовечките односи“. Конкурсот го распиша Општина Прилеп, а е реализиран во соработка со основните училишта од целата општина. Пофалници ќе им бидат врачени и предметните професори – ментори на наградените ученици.