Се одржа манифестацијата „Prilep Special show“

Над 200 фризери, бербери и козметичари од цела Македонија, поделени во 12 групи, вечерва учествуваа на манифестацијата насловена како „Prilep Special show“, што се одржа во ноќниот клуб „ВИП“. Овој  спектакл, се одржува прв пат во Македонија, а организатор е секцијата на фризери, бербери и козметичари од Прилеп. Гадоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски прогласувајќи го овој настан за отворен, истакна дека Прилеп е авангарден град, а доказ за тоа како што рече, се „овие млади луѓе кои што денеска го организираа овој несекојдневен спектакл“.

„Овде има претставници на фризерскиот, берберскиот и козметичарскиот занает од цела Македонија, што дава уште поголемо значење на овој спектакуларен настан. Се надевам дека ќе продолжи и во иднина и дека наредните години ќе има гости и од странство. Ова шоу што самостојно го организираа млади ентузијасти е за почит и за поздравување.Јас како градоначалник секогаш ќе им излезам пресрет и секогаш ќе ја имаат мојата максимална поддршка за своите проекти“, порача градоначалникот Јованоски.

„Идејата е оваа манифестација во иднина да прерасне во балканско, а можеби и европско шоу. Со помош од сите страни ветуваме дека ќе остане традиција. Нашиот еснаф денеска „чука“ со едно срце во центарот на Прилеп. Овој настан прв пат се случува во Македонија. Има над 200 учесници. Темата е „All around the world“ и секоја група ќе се претстави со по една светска метропола“, истакна Крешимир Здравески, дел од организаторите на настанот.

Учесниците беа возбудени што се дел од една ваква манифестација. Секоја од групите имаше навистина специфичен и уникатен настап.

„Ние сме од Струга, ќе го претставуваме нашиот град, браќата Миладиновци, струшките вечери на поезијата, лебедите, старата архитектура, ќе се обидеме да ја доловиме приказната, како струшките моми оделе на вода со стомна …“, изјавија учесниците од Струга.

„Ние сме групата од Велес составена од 5 колеги и 5 колешки, ќе го претставуваме Лас Вегас и секој од нас има своја креација“, го објаснија својот настап учесниците од Велес.

„Ние доаѓаме од Тетово и ќе го претставуваме Мексико Сити. Дадовме сè од себе за овој настап, ја употребивме целата наша креативност и најважно од сè е што ќе се забавуваме и ќе учествуваме“, истакнаа учесниците од Тетово.

„Ние сме групата од Кичево, ја претставуваме светската метропола Њујорк, 5 колешки со 9 модели. Употребувавме најнови модели за оваа креација и се подготвувавме навистина долго време. Како сите и ние се надеваме дека ќе го освоиме првото место. Ова шоу е прекрасно и би требало да има повеќе вакви манифестации во Македонија“, потенцираа гостите од Кичево.

Најдобрите креации добија награди, a по завршувањето на шоуто, продолжи забавата за сите учесници.

Видете и...

Во Прилеп одбележан – Светскиот ден на прегратката

„21 јануари“ е Светскиот ден на прегратката. По тој повод, денеска во просториите на градската …