Се одржа јавна дебата за Националната стратегија за култура во киното „Мис Стон“

Одделување на театарот „Војдан Чернодрински“ од центарот за култура „Марко Цепенков“, поголема заштита на културното наследство, правилна евалуација на работата на вработените во овие институции, заштита на авторските права и нивна валоризација. Овие беа само дел од забелешките и сугестиите на бројните актери, уметници, музичари, претставници на центарот за култура, Завод и музеј, локалната самоуправа и претставници на невладиниот сектор на јавната дебата за Националната стратегија за култура на Р. Македонија за периодот 2018-2022 година,што денеска се одржа во киното „Мис Стон“ во Прилеп.

Организатори на оваа дебата се здружението за култура и развој на креативни индустрии „Култ – Транзен“ од Струмица, а како коорганизатор и домаќин на настанот е здружението на граѓани „Театарска работилница“ од Прилеп. Проектот се реализира со финансиска подрршка на УСАИД и е во тесна соработка со Министерството за култура.

„Предлозите беа од најразлични области. Најмногу забелешки имаше од секторот- театар. Театарот од Прилеп бара одделување од центарот за култура и нивните најголеми дилеми беа околу децентрализацијата и како таа ќе се спроведе. Како театарот ќе продолжи да се финансира понатаму, доколку се спроведе оваа децентрализација. Други забелешки имавме во однос на заштитата на културното наследство и правилната евалуација на трудот на вработените во овие институции, што го третираат културното наследство, во однос на заштитата на авторските права како тие се третираат, но и барања за нивна поголема валоризација. Записниците од дебатите ги предаваме на работната група, која што е составена од претставници на Министертсвото за култура. Значи овие предлози и сугестии ќе бидат доставени до нив и тие понатаму ќе ги селектираат и ќе одлучат дали ќе бидат вградени во новиот стратегиски документ“, истакна Јасмина Мазгалиева, претставник од здружението за култура и развој на креативни индустрии „Култ – Транзен“ од Струмица.

Целта на овие дебати е предлозите да доаѓаат од вработените во институциите од културата, врз основа на кои ќе се градат натаму политиките во културата на највисоко ниво. Целта на дебатите исто така е овој систем на генерирање идеи и предлози да се децентрализира,а не како досега сè да се одвива само во Скопје.

„Најмногу се говореше за театарот, зашто театарот во Прилеп има претрпено најмногу штети последните години. Во 2004 година, ја изгуби и својата институционалност, стана дел од центарот за култура,така што го загуби брендот граден од 1950 година. Мислам дека и повеќето театри, во другите градови каде се случија вакви јавни расправи и тие исто така се борат за институционализирање на театарот“, изјави Игор Трпчески,член на „Театарска работилница“.

Во рамките на овој проект јавни дебати по Нацрт- стратегијата за развој на културата за периодот од 2018 до 2022 година, предвидено е да се одржат и во: Струмица, Куманово, Штип, Струга, Тетово, Кавадарци и Скопје.

Видете и...

Во Прилеп одбележан – Светскиот ден на прегратката

„21 јануари“ е Светскиот ден на прегратката. По тој повод, денеска во просториите на градската …