Се одржа 5-та седница на Советот на Општина Прилеп

Советот на Општина Прилеп денеска ја одржа петтата редовна седница на која што беа избрани нови состави на органи на управување во јавните комунални претпријатија. Избрани беа претставници од Општина Прилеп во училиштните совети. Беше прифатен предлогот на Комисијата за општествени дејности и правата на децата, поради низа пропусти подолг период, да не биде прифатен Извештајот за безбедносната состојба на подрачјето на Полициската станица – Прилеп.

Дневниот ред беше дополнет со три точки. Едната се однесува на проширување на средствата на Буџетот на Општина Прилеп за 2018 година, другата е Одлука за измена на распоредот на средставата на Буџетот на Општина Прилеп. Советот донесе и Одлука за доделување средства на здружението „Локален спортски сојуз Прилеп“, за реализација на хуманитарниот светиниколски турнир во мал фудбал.

Во работата на денешната 5-та седница не учествуваа советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Тие од политички причини коишто не се однесуваат на работата на Советот, ниту задираат во интересите и потребите на граѓаните, ја напуштија седницата. Опозицијата единствено ја претставуваше советникот Никола Габроски.

Претседателот на Советот, Миле Талески, по седницата даде изјава за медиумите.

„На почетокот на седницата советничката група на ВМРО-ДПМНЕ се обиде да инсценира настан, во којшто се обидоа да го втурнат Советот на Општина Прилеп во надлежности што ги нема ниту по закон, ниту по Устав. Но, тоа е начинот на нивното функционирање. Беа предупредени за таквото однесување, но сепак тие одлучија да ја напуштат седницата и најавија дека ќе ја бојкотираат работата на Советот. Жалам за нивната одлука и се надевам дека во најбрз временски рок ќе ја преиспитаат нивната одлука и ќе се вратат да работа во Советот, онаму каде што им е местото и за што граѓаните на општина Прилеп ги изгласале, за да ги претставуваат нивните интереси“, порача претседателот на Советот, Талески.

На оваа седница беше прифатена оставка на досегашен советник од ВМРО-ДПМНЕ и на негово место беше верифициран мандат на нов советник.