Промоција на Прилеп во целиот свет со над 600 меѓународни изложби

Уметноста е мојата душа, смислата на моето постоење и целиот мој живот се врти околу уметноста. Вака ја започнува својата животна приказна уметникот Златко Крстевски од Прилеп,којшто твори повеќе од 4 децении. Најголем дел од неговите дела се сликарство, а дел современ цртеж како стрип и карикатура. Има направено и неколку скулптури, коишто се сега поставени во еден уметнички парк во Полска. Најомилена техника му е масло на платно. Само од оваа техника има насликано над 400 слики во голем формат. Со смеа вели дека повеќе нема место во својот стан каде да ги чува, иако голем дел од неговите дела се поставени во разни галерии на сите континенти.

„Имам учествувано на огромен број меѓународни симпозиуми, конкурси, познати фестивали на стрипот, светски фестивали на современа уметничка карикатура. Со моите дела имам учествувано на над 600 меѓународни изложби. Тука би ги споменал изложбите во Њујорк, Франција, Германија, Санкт Петерсбург и многу, многу други“, вели Крстевски.

Во последно време повеќе бил посветен на стрипот и карикатурата за кои вели дека се современи медиуми, што ги претставуваат или се на еден начин коректори на дел од општествените текови. Има нацртано над 500 стрипови.

„Стрипот е еден од поновите медиуми во светот. Во поголемите светски центри има и цели музеи наменети само за стрип, каде уметниците преку тие дела ги оставаат своите пораки за општествените случувања. Карикатурата е посилен медиум од стрипот, има поголемо влијание бидејќи таа на некој начин е поврзана со новинарството. Само со еден цртеж може да се испрати многу силна порака“, додава Крстевски.

Според него уметноста е вид на креативно изразување, преку коешто се испраќа порака на конзументот на обичниот граѓанин.

„Подолг период го сликав прилепскиот камен, во којшто се препознаваат ликови на некои чудни суштества со антропоморфни форми, како некој надреален свет. Ова во последно време беше моја тематика во делата. Исто така имав циклус за градскиот часовник, масло на платно, со делата од тој циклус направив и изложба“, кажува Крстевски.

Крстевски е основач и на центарот за визуелна уметност „Визант“. Но, досега немал никаква поддршка од институциите, затоа замреле и активностите. Тој е посветен на сликарството, но вели „за жал кај нас еден уметник не може да живее од уметност“. Никој не сакал ниту да ги спонзорира неговите проекти.

„На пример бизнис секторот воопшто нема слух за уметноста, не можеш да најдеш компанија која ќе финансира некој ваш уметнички проект. А, доколку се занимаваш со некој спорт, тоа некако полесно оди. Уметниците не се вреднувани многу кај нас. Македонија никогаш според мене не била земја на спортот, туку секогаш била земја, односно лулка на цивилизацијата и културата, а сега тоа не се вреднува“, истакнува Крстевски.

Поради ваквиот третман на уметноста, според Крстевски уметниците ја напуштаат државата.Неговите идни планови се да продолжи активно да се занимава со уметност, а негова желба е еден ден да учествува на повеќе меѓународни изложби и семинари во Париз.