Прилепските млади поети меѓу најдобрите на Балканот

Ерика Јованоска и Борис Ночески, ученици од IX одделение од ООУ„Кире Гаврилоски –Јане“ од Прилеп се единствените млади поети, што ја претставија Македонија  на меѓународниот фестивал „Деца поети“ што се одржа на почетокот на февруари во Мостар. Двајцата со своите лични творби се пласираа меѓу дваесет и двајцата најдобри финалисти на фестивалот. Борис освои трета награда, а Ерика ја освои наградата „најелегична песна“, во конкуренција од 1470 песни од речиси, исто толку млади поети од: Босна и Херцеговина, Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Грција.

„Беше прекрасно да се биде дел од еден ваков меѓународен фестивал. Имаше многу дружење, преголем број активности. На почетокот бев скептик дека ќе влезам во финалето, но бев прерадосен кога сфатив дека сум и награден“, вели Борис, радосен зашто е добитник на наградата.

Не ја крие радоста ниту Ерика.

„Учествував со мојата лична творба „Тага“. Таа е елегична песна, која зборува за вистински настан. Добив награда. Сакам да се заблагодарам на нашето училиште и на спонзорите, коишто го поддржаа овој натпревар, полн со забава и дружење“, вели Ерика, пренесувајќи ги впечатоците од поетскиот фестивал во Мостар.

Според професорката по македонски јазик, Сузана Николоска, менторка на учениците фестивалот бил збогатен со многу едукативни содржини.

„Фестивалот започна со едукативен час за Алекса Шантиќ. Учениците се запознаа со оваа маркантна личност. А, потоа продолжи дебата на жири комисијата со учесниците.  Имаше многу содржини со рекреативен карактер, имаше богата програма, а во тие рамки организирана беше посета на многу значајни споменици. Задоволство беше што можевме да им дадеме скромни подароци на дечињата со посебни потреби во мостарскиот центар. Овие подароци ги подготви нашето училиште, но и учениците со нивните семејства“, додаде менторката Николоска.

Дека Ерика и Борис се навистина талентирани млади поети, говорат и бројните награди што тие со својата менторка Николоска ги освојуваат на многу конкурси и натпревари досега. Гордост се не само за основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“, туку и за градот и за државата.

ДЕЦА НА ТАГАТА

Имаат сили-да запалат светли огнови
Имаат тага-да исполнат тела небесни
Имаат љубов и со неа можат на небото стих да напишат
До сите нас порака да испратат!

Деца на тагата!

Еден погрешно запишан генетски код-животна судбина!
А биле деца на копнежот, сакани, очекувани!
Зборови во боја не се потребни
Под светлото на вистината
Тие изгледаат посилни!

Деца на тагата!

Птици без крилја
Очи без сјај!
Деца по кој животот најсилно удрил
Виновни без вина
Деца , со свежи лузни и болни спомени!

Кога првата бура ќе стивне
И ќе завладее нема тишина
Тие не гледаат ни пред себе, ни зад себе,
Ни преку раменици!
Изгубени се во погледот
Отсутни со мислите!

Дали јас овде припаѓам
Ова место не ветува среќа
И одеднаш тие очи плачат и молат
Низ магла, солзи и надеж
Ја чекаат светлината
На некој нов ден.

Време ќе помине, судбината ќе им стане реалност.
Ќе го засакаат животот
И ќе станат борци!
Детската наивност
Ќе им биде минато,
Ќе заживеат во бело
Или можеби само ќе се обидуваат
Почитувајќи ги законите на
Природата и Божјата волја.

Го допреле дното на животот
Научиле сами да се исправат
Но подадена рака, или само прст
Ќе ги направи среќни.
Не се себични, само сакаат да живеат
Како сите други деца!

Затоа, доста со различности,
Да се здружиме, рака да си пружиме
Да запееме за сите нив,
Деца Божји!

ТАГА

Тажно лице, очаен лик,
а во мене горчина и јад,
бесна сум и сакам да пуштам крик
да се слушне гласно мојот вик.

Пловам по црното мочуриште на тагата,
ми навираат сеќавања,
заробена сум во закотвениот брод
кој полека се губи во бурата.

Во домот имам тага,
болката е нашиот код,
за ѕвездата што силно блескаше
но веќе ја нема на небесниот свод.

Навираат сеќавања, се кинат од моето срце,
се чувствувам беспомошно,
околу мене тагата
повторно ме враќа во релноста.
Во срце носам болка
за неправдата на овој свет.
Па нели треба да има и во смртта ред?!!!

Пискот на деца
за мене многу блиски,
солзи на мајка
во мигови тешки, ниски.

Згасна сјајот во очите на мојот татко.
Згасна сјајот во очите и на неговиот татко.

Моето тело чувствува болка,
видот ми се замаглува,
очите истураат пороен дожд,
немоќта добива интензитет.
Немам зборови за утеха на никој
вечно ќе чувствувам празнина
во срцето за мојот чичко.
Внатрешниот глас ми шепоти,
го притиска моето срце
тоа чука и постои за да каже последно
Збогум на мојот најсакан идол.

Видете и...

„Вечер посветена на херојот“, сеќавање на животниот пат и револуционерното дело на Кире Гаврилоски-Јане

Во чест на 100 годишнината од раѓањето на народниот херој Кире Гаврилоски-Јане, во градската библиотека …