Прилеп викендов домаќин на меѓународната трка „Storm Riders 2017“

Викендов традиционално по петти пат во Прилеп, поточно во атарот на селото Лагово, на мото крос арената се одржа меѓународната трка „Storm Riders 2017“. Во трката со ревијален карактер во 4 категории: „MX1“, „MX2“, „MX3“ и „OPEN CLASS“, освен од Македонија учествуваа 30-тина љубители на овој спорт од повеќе балкански држави: Србија, Албанија, Косово и Бугарија.
„Со задоволство ја прифатив поканата како градоначалник да бидам гостин на овој настан. Им честитам на овие млади ентузијасти, кои што се бават со екстремни спортови и придонесуваат, адреналинот што владее кај нив, да ја поттикнува и нашата младина сè повеќе да се занимава со спорт“, порача градоначалникот Илија Јованоски.
Тој додаде дека Општина Прилеп и комуналните претпријатија „Водовод и канализација“ и „Комуналец“ кои што два – три дена се вклучија во подготовката на патеката, ќе бидат и натаму логистика за вакви спортски настани.
„Денешното присуство на спортисти од околните градови и држави покажува дека Прилеп има капацитет да одржува вакви манифестации. Наредните години ќе направиме уште подобра инфраструктура на овој терен, ќе донесеме вода , електрична енергија, ќе се направат трибини, паркинг простор, со цел да се создадат подобри услови и за учесниците и за љубителите на овој спорт. Прилеп со својата географска положба има услови за одржување на ваквите спортови, затоа и нашата поддршка нема да отсуствува. На овој начин како Општина придонесуваме за развој на туризмот, индиректно и за развој на локалната економија“ истакна градоначалникот Јованоски, најавувајќи поддршка за сите спортови во градот.
Организатор на трката е клубот за екстремни спортови „Skyriders“. Клубот е организатор и на други настани со екстремни спортски активности.
„Ваквите авантуристички спортови сè повеќе и повеќе го заземаат приматот во светот, бидејќи тие се како одмор на некој друг, не само оној класичен начин, кој што го знаеме и затоа ги привлекува не само помладите, туку и повозрасните. Мислам дека проектот што го има во овој регион „Пелагонија- регион на екстремни спортови“ треба да продолжи да расти и да се зголемува заедно со поддршка на бизнис секторот“, рече Ѓорѓи Манчески, претседател на клубот „Skyriders“.

Учесниците на денешната трка не ги криеја позитивните импресии.
„Оваа ми е прва трка. Во Гевгелија тренирам на патеката ‘Милци’. Возам речиси една година. Оваа патека не ми е позната. Најважно е сè да помине како што треба, да нема повредени. Патекате е добра, скоковите се поголеми од оние што ги овозможува нашата патека во Гевгелија“, изјави Антониа Камберов (17) од Негорци.
„Еве и ние од ‘Високо-адреналинските октани’ дојдовме во Прилеп малку да се подружиме, за да видат останатите, колку е проширен овој мото крос спорт во Македонија. Се надевам дека ќе имам успешна трка и дека најдобрите ќе победат“, рече Васко Киров, натпреварувач во најсилната категорија „МХ1“, од Гевгелија.
Според Алберто Видески (14) дел од екипата на клубот „Ноќни волци“ од Скопје, во категоријата „МХ2“ патеката во Лагово со должина од 1650 метри, поставена во класичен арена стил е најдобра во Македонија, зашто е градена според светски стандарди.
По завршување на ревијалниот мото крос натпревар претседателот на клубот „Skyriders“, Ѓорѓи Манчески и градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски им доделија плакети на најдобрите: во категоријата „МХ1“ прво место освои Христијан Илиоски, второто му припадна на Гоце Томовски, а третопласиран беше Михаил Бојовски. Првото место во категоријата „МХ2“ му припадна на Христијан Станкович, втор беше Ненад Петрович, а третото место му припадна на Алберто Видески. Во категоријата „МХ3“ првопласиран беше Борче Костов, второто место го освои Фазли Ислами, а трет Јове Иванов. Прв во категоријата „OPEN CLASS“ е Милан Зимонич, втор Александар Србакоски, а третото место му припадна на Павел Иваноски.

Видете и...

Во Прилеп одбележан – Светскиот ден на прегратката

„21 јануари“ е Светскиот ден на прегратката. По тој повод, денеска во просториите на градската …