Општина Прилеп со нулта толеранција за насилството врз жените и девојките

Општина Прилеп се вклучи во кампањата „Шестанесет дена активизам против насилството врз жени и девојчиња“. Денеска на градскиот плоштад „Методија Андонов-Ченто“ од 11-13 часот беше поставен штанд каде волонтери, активисти, претставници на локалната самоуправа и членови на Советот на Општина Прилеп делеа промотивен материјал и разговаа со граѓаните за борбата за стопирање на семејното насилство.

„Не случајно го одбравме овој ден како претпоследен од кампањата што се спроведува низ цела Македонија.Сакаме да ја подигнеме свеста на сите граѓани во Општина Прилеп и да порачаме дека локалната самоуправа ќе има нулта толеранција за секаков вид насилство врз жени и девојчиња“, истакна Цвете Станојоска, претставник на Општина Прилеп.

Според директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Прилеп, Живко Силјаноски семејното насилство во Прилеп е во пораст. Полицијата до центарот годишно доставува околу 300 пријави.

„Како јавна установа Меѓуопштинскиот центар за социјална работа секогаш сме ги поддржувале проектите, иницијативите и активностите на локалната самоуправа како и овој пат, точно поврзани со ‘Шестанесет дена активизам против семејното насилство ‘. Сигурно како центар со посебни овластувања во делот на нашата стручност, а во соработка со Министерството за труд и социјална работа и во содејство со сите конвенции, како што е ‘Истанбулската конвенција за заштита на жените од насилство и насилство во семејството’, пристапуваме во сè она што значи реализација, во делот на заштита, превенција и гонење на сторителите на семејно насилство.Сето тоа за подигнување не само на јавната свест на граѓаните. Статистиката е сериозно поразителна, бидејќи секој ден примаме по 10-ина нови пријави претежно од МВР за притисоци, навреди, дискриминациии и сè она што во крајна линија значи насилство, не само врз жените и девојките“, информира директорот Силјаноски.

Според него, порастот во евиденцијата на насилството врз жените и девојките се должи и на фактот што според законот соседите можат да пријават случаи.

„Исто така можат да пријават и одредени невладини организациии, граѓански здруженија. Ние не само како центар,туку и мултисекторски пристапуваме особено при предлагање на одредени мерки за одредени насилници, што по службена должност ги гониме“, додава Силјаноски.

Според граѓаните пак главна причина за зголемување на семејното насилство е сиромаштијата. Сметаат дека е потребна побрза и посоодветна интервенција на полицијата и институциите.

„Ако се свртиме околу нас, ќе забележиме дека има и физичко и психичко насилство. За жал не се малтретирани само жените, туку има насилство и врз мажите за што се молчи. Сега мислам дека има повеќе психичко насилство. Тоа се должи на големото незадоволство, невработеноста, незадоволството не може да се искаже на друг начин, освен со физичка и психичка тортура. на тој што ни е најблизок, најнемоќен, најзависен од нас“, вели една граѓанка.

„Се зголемува бидејќи нема пари, кога нема пари има ќотек, јас работам во општата болница во Прилеп и гледам секој ден што се случува“, додава друга граѓанка.

„Семејно насилство има. Треба да се почитуваат законите и тој што го направил тоа треба да си лежи во затвор“, вели трет граѓанин.

Од Комисијата за родова едваквост што функционира во рамките на Советот на Општина Прилеп, потенцираат дека правата на жените- жртви на семејно насилство, се основни права кои секоја заедница треба да ги интегрира во своето општество. За таа цел треба да се вклучат сите надлежни институции и организации со меѓусебна соработка и координација.

„Советот при Општина Прилеп и Комисијата за родова еднаквост ќе оствари средби со директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, со цел не само да се вклучи во подигнување на јавната свест за решавање на овој проблем со насилството врз жените и девојките, туку и да се изготват и мерки, имплементација на ефективни координирани и интегрирани политики за борба против семејното насилство. Со промена на општествените ставови, родовите улоги, стереотипите, религијата и обичаите што влијаат за поттикнување на насилство со мерките за подигнување на општествена и јавна свест за борба против насилството и со вклученост на сите органи и организации во Македонија ќе се обезбеди почитување на правата на жената, на децата и спречување на сите форми на семејно насилство коишто се однесуваат на сексуално вознемирување, домашно насилство и насилство во околината“, изјави Јулијана Цековска, претседател на Комисијата за родова еднаквост при Советот на Општина Прилеп.

Инаку Прилеп сèуште нема шелтер центар за згрижување жртви од семејно насилство. Со ратификација на „Истанбулската конвенција“ е предвидено да се оддвојат средства, за отворање вакви центри каде ќе бидат ангажирани стручни лица кои ќе работат со жртвите на насилство.