Општина Прилеп парите за прославата за Нова година ги пренаменува за отворање на Центар за деца со церебрална парализа

Пречекот за Нова година што ќе го организира Општина Прилеп ќе биде поразличен од досегашните. Граѓаните ќе се забавуваат, ќе има жива музика, но целиот настан ќе има и хуманитарна цел и порака. Општина Прилеп одлучи парите за прославата за Нова година да ги пренамени за отворање Центар за деца со церебрална парализа. Оваа всушност ќе биде донација на сите граѓани, зашто Општината касата ја полни со средства од сите фирми и граѓани. Според тоа овој пат народните пари ќе бидат пренаменети во неопходниот центар во кој што ќе бидат згрижени овие дечиња.

Општината подготви богата програма за пречекот на Новата година во деновите коишто следуваат. Во четврток во центарот за култура „Марко Цепенков“ со почеток во 19:30 часот ќе се одржи свечен новогодишен концерт на класична музика. Во истиот термин во петокот во театарот „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи премиерата на претставата „Клетници“. Во сабота во 12:00 часот најмладите љубители на театарот ќе може да уживаат во претставата за деца „Аладин и волшебната ламба“, што ќе биде поставена на сцената од центарот за култура „Марко Цепенков“, во исто време од 12:00 ч. до 14:00 часот пак, двајца локални диџеи на градскиот плоштад со избрана музика ќе придонесат за поубаво новогодишно расположение. На 31-ви забавата за пречек на Новата 2018-та година ќе се одржи на плоштадот, со почеток во 22:00 часот, а ќе трае до 1 часот после полноќ.

„Нè очекува богата културно-забавна програма. Покрај бината ќе има осум пултови со топли напитоци, колачи, вкусна прилепска скара, пици и други специјалитети. Најмладите ќе се дружат со ликови од цртаните филмови, ќе има пуканки, топол чај и задолжителниот Дедо Мраз. Водител на забавата ќе биде актерот Игор Трпчески, а ќе настапат рок групата The Four и естрадните пејачки Белинда и Блага Петреска. Ве поканувам заедно, со вашето позитивно расположение да ја збогатите новогодишната атмосфера на плоштадот. Да уживаме со чувство на топлина во душата, дека годинава секој од вас, ќе го даде својот придонес и ќе донесеме заедно во новата година насмевки и радост на дечињата со детска парализа. Преку Општина Прилеп, вие сите мои драги сограѓани донирате и помагате да го отвориме овој центар. Да покажеме дека и како Општина и како граѓани,сме хумани луѓе и дека несебично им подаваме рака на сите наши сограѓани“, порача градоначалникот Илија Јованоски.

Како што рече посебно му е мило што оваа хуманитарна цел ја препознаа и ја поддржаа многу целни групи: невладините организации, слаткарниците, бурекџилниците, пицериите, прилепскиот еснаф, танцовите клубови, театарот, центарот за култура „Марко Цепенков“, кафанџиите, цвеќарниците, извидничкиот одред „Феникс“, угостителското училиште од Крушево, АРМ, спортистите, естрадните уметници, диџеите и многу други.

„Сите тие своите услуги и производи ги ставија на располагање без надомест, или со минимален трошок за технички работи, со што директно придонесуваат во изградбата на дневниот центар за деца со церебрална парализа во Прилеп, а во исто време помагаат граѓаните на Прилеп достоинствено да ја пречекаат Новогодишната ноќ на градскиот плоштад. Во Прилеп има околу стотина деца заболени од церебрална парализа на кои што им е потребна една ваква помош и установа и токму затоа се одлучивме да направиме ваков Центар за децата со церебрална парализа. Со тоа ќе придонесеме да ги вратиме повторно назад во општеството, затоа што тие некако сега како да се одделени од овој момент. Со ова постигнуваме да биде подобар развојот на овие деца и згрижувањето, а исто така да им е олесниме работата и на нивните родители. Да напоменам дека во овој дневен центар за децата со церебрална парализа вработени ќе бидат родителите на овие деца“, додаде Јованоски.

Музичарите коишто ќе бидат дел од предновогодишниот концерт на класична музика истакнаа дека ова ќе биде нешто ново за Прилеп кое ќе ја подигне музичката уметност во градот на едно повисоко ниво.

„Од името на уметниците кои ќе учествуваат во свечениот концерт во четврток за класична музика ја поздравуваме оваа иницијатива на градоначалникот Јованоски, заедно со иницијативата на локалната самоуправа да се организира за прв пат пречек на Нова година, неколку дена пред самиот празник, со еден ваков свечен концерт на класична музика. Ова е нешто ново за нашиот град и го поздравуваме. Во секој случај ова помага во развојот на музичката уметност во нашиот град.Од друга страна како уметници ние ќе подготвиме посебна програма која ќе биде во духот на Новата година и со иницијативата за изградбата на споменатиот центар за овие дечиња со церебрална парализа“, истакна Гоце Секулоски, музичар.

И другите учесници на овој настан со задоволство ќе ја прифаат понудата да бидат дел оваа хуманитарна акција и секој според своите можности и афинитети ќе придонесе за побрзо отворање на Центарот за деца со церебрална парализа.

„Благодарност до Општината што спроведува една ваква хуманитарна акција и тоа нанајвеселата ноќ во годината. Ние како здружение ‘Преродба’ работиме и во делот на хуманоста, без размислување ја прифативме понудата на Општината и ќе бидеме дел од ова новогодишно празнување“, вели Лилјана Ѓорѓиеска, од здружението на жени „Преродба“.

„Сакаме да изразиме огромна благодарност што ќе бидеме дел од овој настан и тоа ни претставува голема чест и задоволство. Сакаме да му се заблагодариме на градоначалникот Илија Јованоски и на Општина Прилеп што и ние сме вклучени и се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и понатаму“, истакна Ана Плетварец, од извиднички одред „Феникс“.

Градоначалникот Јованоски ги покани сите граѓани на градскиот плоштад „Методија Андонов Ченто“ и да бидат дел од овој несекојдневен хуманитарен хепенинг на највеселата новогодишна ноќ.

Видете и...

Во Прилеп одбележан – Светскиот ден на прегратката

„21 јануари“ е Светскиот ден на прегратката. По тој повод, денеска во просториите на градската …