Општина Прилеп ја поддржува иницијативата на фризерите, берберите и козметичарите, за промоција на нивните вештини

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски ќе ја поддржи иницијативата на прилепското Здружение на бербери, фризери и козметичари, за организација на „Prilep Special show“, забавен настан што ќе се одржи на 10 декември во ноќниот клуб „VIP“, под мотото „All around the world“. На ова случување претставниците од овој еснаф од сите градови во Македонија, ќе ги презентираат низ забава и дружење своите вештини.
„Многу ме израдува тоа што побараа да се направи во нашиот град на десетти декември , кога ќе организираат фестивал на ниво на цела држава, каде што ќе бидат поканети сите претставници од оваа занаетчиска фела на едно заедничко дружење, за кое што Општина Прилеп ќе овозможи логистичка поддршка. На денешната средба со претставниците од Здружението на бербери, фризери и козметичари договоривме начин на соработка за во идниот период, затоа што добив уверување од нивна страна дека идната година ова дружење планираат да биде од меѓународни рамки„, истакна градоначалникот Јованоски.
Целта на организацијата на едно вакво дружење е да се презентираат идеите и принципите на работа на еден од најбројните еснафи во Македонија. Но, и можноста да се даде свој придонес во општеството,образовниот систем и вклучувањето на идните млади генерации професионалци од овие занаети. Прилепските претставници на овие занаети, на средбата ги презентираа и насоките и принципите на работа.
„Ние сме едни од ретките, што го претставуваме нашето поднебје секаде во светот. Затоа решивме да ги поместиме границите, да направиме т.н. револуција во овој еснаф. На големо задоволство, оваа иницијатива беше прифатена кај нашите колеги од Македонија. Концептот е сите заедно да се сплотиме во Прилеп. Во организацијата вклучени се и учениците од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ со свој перформанс, бидејќитие се иднината во нашиот занает “, порача Крешимир Здравески од Секцијата на бербери, фризери и козметичари.
Настанот според планот ќе трае цела ноќ. Освен презентацијата на своите вештини што значат „последен збор“ во овој занает, оваа ќе биде вечер на забава и дружења. Занаетчиска фела според регистарот на Регионалната стопанска комора брои 160 членови.