Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

Во Прилеп одбележан христијанскиот празник Голем Петок – Балаклија

Со Божествена литургија во манастирот „Св. Архангел Михаил“, во најстарата прилепска населба Варош, со која чиноначалствуваше Г. Петар, Митрополит Преспанско-Пелагониски, денеска во Прилеп се одбележа христијанскиот празник Голем или Источен Петок – Балаклија. Празникот се одбележува секоја година на првиот петок после Христовото Воскресение – Велигден.

Според преданието на православата црква на овој ден се празнува обновувањето на храмот на Пресвета Богородица во Цариград, наречен Живоносен Извор, поради чудотворниот извор со вода што се наоѓа во него. Христијаните си спомнуваат и за многуте чуда што се случиле во тој храм посветен на Богородица. И во манастирот „Св. Архангел Михаил“ се наоѓа извор за кого христијаните веруваат дека има лековита вода. Токму поради овој извор тука денеска доаѓаат посетители од цела Македонија за да се измијат и напијат вода од изворот.

„Доаѓаме тука секоја година, палиме свеќа за здравје и се миеме од водата од изворот што се наоѓа во дворот од манастирот. Овој празник многу се почитува во Прилеп, а особено во населбата Варош. Тука околу манастирот се организира и панаѓур. Ова е една многу убава традиција која ние ја почитуваме со векови“, рекоа дел од присутните гости во манастирот „Св. Архангел Михаил“.

Денеска на одбележувањето на празникот присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој на сите верници им го честиташе денешниот ден и им посака многу здравје, успех и среќа.

„Традиционално како и секоја година на празникот Голем Петок го посетуваме манастирот „Св. Архангел Михаил“ во населбата Варош со цел на сите верници да им го честитаме празникот, а особено на варошани кои го слават векови наназад. Им посакувам здравје, среќа, радост и успех на сите, да имаме мир, спокојство и да ја чуваме Македонија. Убаво е да се негуваат вакви вредности и традиции кои ни ги оставиле нашите прадедовци. Дека тоа се негува во Прилеп доказ се илјадниците посетители кои денеска ќе дојдат тука во овој манастир. Манастирот е преубав и во оваа прилика сакам да истакнам голема благодарност до Владата и Министерството за култура кои го изградија источниот конак со што се заокружи манастирскиот комплекс“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Инаку денеска е слава на населбата Варош и сите куќи се отворени преку целиот ден за добронамерниците кои се послужуваат со ручек од традиционални специјалитети. Ова е една вековна традиција која се одбележува во Прилеп.
 

Последни Новости