Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

По 12-ти пат се одржа манифестацијата „Поетско Маркукуле“

По 12-ти пат вечерва во градската библиотека во Прилеп се одржа манифестацијата „Поетско Маркукуле“ на која се претставија 60-тина поети од повеќе градови на Македонија. Организаторите на настанот велат дека целта на оваа манифестација била на сите афирмирани и неафирмирани поети да им се даде можност и шанса да ги претстават своите дела. Особено тоа се однесувало за неафирмирани поети или оние кои можеби имале некаков срам претходно да излезат со своите творби пред публика.

„Целта е сите поети да се соберат на едно место, манифестацијата е ревијална, никој да не се чувствува како поразен туку сите да бидат победници. Песните не се селектираат. Секоја година има се повеќе и повеќе поети кои учествуваат на манифестацијата. Прво настапуваат децата до 15 години, а потоа возрасните. Исто така секоја година се повеќе има учесници од надвор, односно наши иселеници странство, а во последниве неколку години учествуваат и странски државјани. Манифестацијата секоја година се одржува во природа, на Тронот кај Слонот на Маркукуле, но годинава поради природните непогоди, пожарите кои беснеат во нашата општина, одлучивме манифестацијата да се одржи во градската библиотека“, истакна Цветанка Григорова, организатор на манифестацијата.

Покровители на манифестацијата се Општина Прилеп и Градската библиотека „Борка Талески“ од Прилеп.

„Ова е една прекрасна манифестација која го збогатува културното лето во нашиот град. Имаме поети кои ќе се претстават од скоро сите градови на Македонија. Секогаш може да се слушне тука доста квалитетна поезија. Манифестацијата нема натпреварувачки дух, таа е дружење преку поезија. Поетско Маркукуле прераснува во уште еден културен бренд на Прилеп“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Идејата за манифестацијата во 2005 година ја дал Љубен Димкароски – Димкарот кој предложил настанот да се одржува на Маркукуле и песните да не траат подолго од 2 минути. Наредната 2006 година 2006 веќе започнува реализацијата на идејата и таа се одржува до денес.
 

Последни Новости