Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

Одлична соработка и голем број заеднички проекти помеѓу Општина Прилеп и Здружението на пензионери

За 12 години Општина Прилеп и Здружението на пензионери од овој град воспоставија одлична соработка од која произлегоа голем број заеднички реализирани проекти како што се јавниот градски превоз, отворање на голем број пензионерски клубови, изградбата на голем број паркови, изградба на капели, патувања, екскурзии, изградба на цркви и друго. Ова во интервју за весникот „Пензионер плус“ го истакна градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески. Ристески за овие 12 години ја потенцираше и тројната соработка помеѓу Здружението на пензионери, локалната самоуправа и Владата. Плодови на таа соработка пред се биле покачувањето на пензиите, бесплатното бањско лекување, намалувањето на цените на лековите, подобрувањето на квалитетот на здравствените услуги со инвестициите во сите здравствени институции во Прилеп и уште многу други проекти.

Здружението на пензионери од Прилеп е едно од најактивните во СЗПМ. Каква е неговата соработка со локалната самоуправа на Општина Прилеп ?

Соработката помеѓу локалната самоуправа на Прилеп и Здружението на пензионери од овој град засега е одлична и мислам дека имаме една од најдобрите соработки на ниво на Македонија. Таа соработка трае континурано веќе 12 години, откако го започнав првиот мандат како градоначалник на Прилеп. Здружението на пензионери од нашиот град морам да го пофалам дека е едно од најиницијативните и најактивните пензионерски здруженија во нашата држава. Како резултат на нивната иницијативност и активност и транспарентното работење на локалната самоуправа произлегоа голем број заеднички проект кои беа реализирани во текот на овие години.

Еден од најкапиталните проекти кои произлезе од таа соработка пред повеќе години беше барањето на пензионерите да се воведи јавен градски превоз по теркот на Скопје, а тоа беше мое ветување за овој тековен трет мандат. Проектот е успешно реализиран, за прв пат во историјата на Прилеп се формира Јавно претпријатие за градски превоз. Сега го имаме еден од најефтините и најефикасни градски превози во Македонија. Од овој проект голем бенефит имаат пензионерите. Сега тие наместо да се возат со такси, како што беше пред 3 години, кога за една релација плаќаа и повеќе од 100 денари, сега тоа можат да го направат со јавниот превоз за неколку пати поефтино. Сумата навистина е ефтина е сега тие може слободно да ги посетат своите блиски, да отидат на болница, да ги посетат јавните институции каде имаат работа, да отидат на пазар, во чаршија, да отидат на гробишта и на други места.

Ние во соработка со Здружението на пензионери од Прилеп ќе продолжиме и понатаму да соработуваме за подобрување на јавниот градски превоз. Благодарение на оваа предлог идеја на пензионерите, која прерасна во еден од најдобрите проекти на локалната самоуправа, денес не само пензионерите туку и целиот град ги гледа благодетите од јавниот градски превоз. И тоа учениците, студентите, граѓаните, лицата кои го посетуваат Прилеп и други. Пензионерите треба да се горди заедно со оваа локална самоуправа бидејќи овој проект е нивна иницијатива, а реализиран од локалната самоуправа.

Бидејќи превозот е релативно нов, само 3 години, а имаме и потреба од набавување на нови автобуси кои ќе бидат купени оваа година, ние ги примаме сите сугестии на пензионерите и граѓаните за подобрување на неговата ефикасност. Со набавката на новите автобуси ќе се воведат уште 2 или 3 нови линии во градот, а со купувањето на новите автобуси сегашните ќе бидат распоредени и градскиот превоз ќе биде проширен за пензионерите и другите граѓани од околните населени места како Тополчани, приградските села, а во пазарните денови се планира да има и линија за Мариово. Градскиот превоз е проект кој континуирано ќе се надополнува и ќе одговара на потребите на пензионерите и граѓаните. А во иднина со уште поголеми субвенции на локалната самоуправа ќе гледаме јавниот превоз да биде уште поефтин, а некој од пазарните денови да биде и бесплатен за пензионерите.

Кои други идеи произлегоа од страна на Здружението на пензионери од Прилеп и беа реализирани од оваа локална самоуправа ?

Тука би ја споменал идејата за реализација и изградба на голем број паркови низ целиот град, места каде што пензионерите можат да се одморат, креирање на нови содржини, голем број спомен обележја кои потекнаа како идеја од пензионерските здруженија, реализација на одредени патувања и екскурзии како и многу други проекти.

Посебно радуваше фактот на тројната соработка помеѓу Здружението на пензионери од Прилеп, локалната самоуправа и Владата. Пред 10-тина години пензионерите имаа мизерни пензии и неможеа да склопат крај со крај во текот на месецот, а сега во повеќе наврати во изминатиов период беше покачувана нивната пензија за да имаат подостоен живот. Иако таа сеуште не е идеална, но разликата од она што пензионерите го добиваа пред 12 години и сега е многу очигледна.

Се реализираа и други проекти кои го олеснија животот на пензионерите, а тука посебно би ја истакнал соработката за користење на бесплатни бањи од страна на пензионерите, драстично намалување на цената на лековите, подобрувањето на квалитетот на здравствените услуги со инвестициите во сите здравствени установи во нашиот град како што се Здравствениот дом, Центарот за јавно здравје и општата болница „Борка Талески“.

Произлегоа и иницијативи за изградба на цркви на повеќе места во градот, кои денес одлично функционираат и се преполни со народ. Исто така една од иницијативите на пензионерите беше и уредување на градските гробишта и изградба на капела за прв пат во историјата на Прилеп. Една веќе се изгради на новите градски гробишта, а друга капела се гради на старите гробишта.

Колку често имате средби со Здружението на пензионери од Прилеп и неговите членови ?

Многу често имаме средби со пензионерите од нашиот град. Локалната самоуправа има редовни состаноци на кои се разгледуваат сите овие потреби на пензионерите и секогаш се донесуваат заеднички заклучоци кои во однос на рамките на нашите можности истите и ги реализираме.

Во соработка со локалната самоуправа се отворија и повеќе пензионерски клубови во Прилеп ?

Беа реализирани и отворени повеќе пензионерски клубови во градот кои функционираат одлично и се места каде што пензионерите се дружат помеѓу себе. Такви клубови беа отворени за прв пат во урбаните заедници, „Гоце Делчев“, „Рид“, „Тризла“, „Бочејца“, а моментално е завршен и проектот со Министерството за труд и социјална политика за отворање на ваков клуб во најстарата населба Варош, кој ќе биде отворен за многу брзо време. Се разгледуваат можностите за отворање и на други пензионерски клубови како во населбата „Корзо“, „Жабино маало“, „Сточен пазар“ и други.

Дел од соработката со локалната самоуправа се реализира и со посетата на сите овие клубови и тоа 2 пати најмалку во текот на годината, особено на крајот од годината, кога се презентира сето она што го има сработено локалната самоуправа во текот на годината, се презентираат проектите кои се во најава. А на „Денот на идеи“ пензионерите даваат одредени сугестии за идеи и проекти.

Кога стануба збор за пензионерите од Прилеп тука сакам да ги истакнам нивните културно уметнички и спортски секции кои достојно го презентираат градот на сите свои настапи во и надвор од Македонија. И во оваа прилика сакам да им честитам за сите освоени награди кои ги имаат добиено.

Сакам да ја истакнам соработката и со одредени женски здруженија каде претежно членуваат пензионерки и кои се доста активни. Им благодарам на нивната голема помош која ја имаме околу организацијата на голем број културни манифестации во градот. Вклучувајќи го тука и Гинисовиот рекорд за Прилеп кога беа направени 80.000 мали посни сарми.

Дали во Прилеп има најави за инвестирање во приватни старски домови и дали се најавени некои нови инвестиции во ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“ ?

Субвенциите кои ги даде државата за отворање на приватни старски домови разбуди одреден интерес кај бизнис секторот и поединци. Локалната самоуправа со изготвувањето на ГУП и ДУП има предвидено локации за оваа намена и сите заинтересирани околу иницијативата за отворање на приватни старски домови би ги поддржале и би ги понудиле тие локации на електронско наддавање.

Ние работиме исто така и на подобрување на условите во ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“ и во програмата во буџетот на Владата, доколку сега сето тоа небиде стопирано, беа предвидени одредени зафати со што во многу ќе се подобрат капацитетите на Домот за стари лица.

Во Прилеп се реализира и еден уникатен проект наречен „Супер Марио“ со кого им се помага на старите и изнемоштени лица. Докаде е неговата реализација ?

Проектот „Супер Марио“ е единствен ваков патент проект во Македонија и тој претставува гордост на оваа локална самоуправа и со задоволство го реализираме во последните неколку години. Во проектот учествуваат 15-тина волонтери кои се грижат за околу 100 стари и изнемоштени лица на кои што им треба помош и внимание околу нивното нормално функционирање и живеење. Помошта се состои во нивна редовна посета, набавување на потребните намирници, лекови, грижење околу здравјето на лицата, помош околу домашните обврски и комуникација со нив. Овој проект е комплетно финансиран од буџетот на локалната самоуправа.

За долгогодишната и добра соработка на Општина Прилеп и Вие како градоначалник со Здружението на пензионери на Прилеп, а по повод 20 септември, денот на пензионерите и 70 годишнината од пензионерското организирање, минатата година Вам ви беше дадена Плакета од СЗПМ и од ЗП од Прилеп. Како се чувствувате поради добивањето на оваа награда ?

Да се добие Плакета на ниво на Р. Македонија од страна на Здружението на пензионери мене како градоначалник лично многу ми значи, затоа што пензионерите отсекогаш биле во фокусот на работењето на оваа локална самоуправа. Имајќи го фактот дека секој човек се стреми да доживее пензионерски денови и ние помладите во иднина се гледаме во таа категорија на луѓе на кои што ќе им треба внимание, соработка и подобрување на квалитетот на живот во секој поглед. Поттикнати од сето ова направивме одлично ниво на соработка во минатиот период, а дадената награда за најуспешна соработка во Македонија ќе биде мотив плус за уште поголемо подобрување на нашата соработка во иднина во интерес на сите пензионери на територија на Општина Прилеп.
 

 

Последни Новости