Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

Населбата „Ѓогдере“ наскоро ќе добие современ парк и ново детско игралиште

 Се интензивираат градежните активности ококу израдбата на новиот парк со детско игралиште кој се наоѓа помеѓу зградите во прилепската населба „Ѓогдере“. Паркот ќе се простира на површина од околу 3.000 м2, а инвестицијата изнесува 2 милиони денари. Парите се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Жителите на „Ѓогдере“ се презадоволни од оваа најнова инвестиција на Општина Прилеп.

„Паркот е супер, сега децата ќе можат слободно да си играат. Ова место претходно беше само трева и дупки, многу сме задоволни, се што се гради се е убаво“, вели Димче Илиески, жител на населба „Ѓогдере“.

„Мислам дека добро е ова што се работи како за младите, но исто така и за постарите. Ќе можеме сега и ние да го поминуваме тука слободното време. Вака треба да се гради секаде“, вели Ѓорѓи Димески, жител на населба „Ѓогдере“.

„Мене многу ми се допаѓа паркот, презадоволен сум, претходно беше депонија инаку тука. Сега се е уредено, мој предлог е во иднина само уште да се загради игралиштето“, кажа Методија Ацески, жител на населба „Ѓогдере“.

Увид во градежните работи денеска изврши и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој рече дека досега локалната самоуправа има уредено над 200.000 м2 нови зелени парковски површини, со што Прилеп прерасна во еден од најубавите и најзелени градови во Македонија.

„Ова место за неколку недели ќе прерасне во едно од најубавите парковски површини на ниво на Општина Прилеп, на општо задоволство на сите жители кои живеат во оваа населба. Целта на оваа локална самоуправа беше да се дисперзираат парковите и тоа го правиме цело време онаму каде што дозволува просторот, времето и нормално финансиите. Имаме досега уредено над 200.000 м2 нови зелени парковски површини, со што Прилеп прерасна во еден од најубавите и најзелени градови во Македонија. Моментално во тек е доуредување и на паркот Точила 2, околу зградите кај ООУ „Блаже Конески“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Паркот ќе има езерце, детски играчки, летниковци, пешачки патеки и друга урбана опрема.

„Ѓогдере е една од најстарите градски населби и заслужува да има ваков парк и тој ќе ги задоволи потребите и на најмалите и на повозрасните. Ова е прва фаза од реализација на парковските површини во Ѓогдере. Оваа парковска површина ќе има поплочени патеки, зелени површини, езерце , игралиште за мали деца и простор за постарите“, вели Бранко Нешкоски, раководител на ЈП за ПУП.

Се очекува паркот да биде готов за неколку недели.

Последни Новости