Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

Мјузиклот „Тајно моја“ го затвори 52-от МТФ „Војдан Чернодрински“

Со мјузиклот „Тајно моја“ во изведба на Македонската опера и балет вечерва во Прилеп беше затворен 52-от по ред Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. „Трудна приказна“ во изведба на Театар Комедија од Скопје беше прогласена за најдобра претстава. Жирито во состав Митко Маџунков, претседател и членовите Слободан Деспотовски и Братислав Димитров истакнаа дека протежирале претставата која беше прогласена за најдобро уметничко остварување во целина да има современа тема, врзана со македонската традиција и да покаже врвен квалитет. Сето тоа според нив го имала претставата „Трудна приказна“. Уметничкиот директор на фестивалот Петар Темелкоски рече дека оваа година Фестивалот имал одличен репертоар со 12 претстави во официјалната конкуренција и 8 во неофицијалниот дел.

„Претставите поминаа во одлична атмосфера, секоја вечер имаше публика повеќе отколку што собираа салите. Морам да кажам дека годинава ја имавме најдобрата публика која што сум ја сретнал досега. Вечерва фестивалот го затвораме со мјузиклот „Тајно моја“ посветен на нашата голема музичка ѕвезда Тоше Проески. Секогаш досега во овие 11 години, откако јас сум уметнички директор, од тие 2-3 претстави кои се фаворити секогаш една од нив ја добива наградата. „Трудна приказна“ е прекрасна претстава со сите елементи и атрибути. Немаше човек на кого не му се допадна. Ние сме задоволни што и публиката и жирито ја одбраа оваа претстава“, истакна Петар Темелкоски, уметнички директор на фестивалот.

Наградата за најдобра главна машка улога ја доби Јовица Михајловски за улогата на Шајлок во претставата „Венецијанскиот трговец“ во изведба на Драмски театар Скопје, а награда за главна женска улога и се додели на Јелена Жугиќ за улогата на д-р Ката во претставата „Трудна приказна“ во изведба на Театар Комедија Скопје.

„Можеби сум доаѓал и со подобри претстави од оваа на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, но ете коцките некогаш се склопуваат кога човек најмалку се надева. Драго ми е што ја добив наградата“, рече Јовица Михајловски, добитник на наградата за најдобра главна машка улога.

„Ова е големо признание за Театар Комедија. Оваа година прославивме 5 години од нашето постоење и добивме 5 награди. Веројатно најубавата награда е онаа за најдобра претстава, наградите за актерите се само јаготка на шлагот. Морам да признаам дека наградата за текст двојно си ја сакаме бидејќи авторката на текстот е и наша вработена“, потенцираше Јелена Жугич, добитник на наградата за најдобра главна женска улога.

Наградата за режија и за современа сценска драматизација ја доби Љупчо Ѓорѓиевски за претставата „Лазаревото писмо“ во изведба на Народниот театар од Штип.

„Драго ми е што ова е втора година како ја добивам наградата за режија на фестивалот „Војдан Чернодрински“, претставата е работена по домашен текст „Лазаревото писмо“ на Живко Чинго, тоа ми е посебно драго затоа што претходно имав неколку награди за домашната драматургија. Домашната драма секогаш е посебна инспирација замене особено овој автор кој го работев за прв пат. Кога човек работи домашна драма или проза се чувствува покомотен и посвој, плови во свои води, коренот каде што ја уштекува претставата и она што го работи го познава многу добро и го носи со себе. И во таа смисла секогаш домашната драма е посебна инспирација“, истакна Љупчо Ѓорѓиевски, режисер.

Наградата за колективна игра ја понесе ансамблот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп за изведба на претставата „Фигурае Венерис Хисториае“ (љубовни пози на историјата). А оваа претстава ја доби наградата и за сценографија која му се додели на Емил Петро.

„Секоја година како театар добиваме некоја од наградите на Фестивалот. Три години последователно ја добивавме и гран при наградата. Се работи за еден од најдобрите театри во Македонија. Наградата е потврда за трудољубивоста, ентузијазмот и за се она што го дава еден актер и еден театар за една ваква претстава“, изјави Тони Чатлески, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп.

Наградите ги додели градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој рече дека со оваа манифестација Прилеп докажува дека не само што е театарски туку и дека тој е и фестивалски град.

„Задоволство е денес да се присуствува на 52-от по ред театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Прилеп и со овогодинешните театарски игри покажа дека е најтеатарскиот град во Македонија со префинета театарска публика која сите овие 7 дена уживаше во големиот број на претстави. Имаше квалитетни театарски претстави, квалитетни актери, им честитам на сите кои учествуваа на овој фестивал, а исто така им честитам и на наградените. Се надевам дека и в година ќе уживаме во уште подобар тетарски фестивал. Прилеп со ова докажа дека е не само театарски туку и фестивалски град“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Наградата за рекламен материјал ја доби Филип Коруноски за рекламниот материјал од претставата „Ана Комнена“ во изведба на Народен Театар Ј.Х.К. Џинот од Велес.

Олга Панг ја доби наградата за кореографија и сценски движења во претставата „Отело“ во изведба на Турски театар Скопје.

Награда за музика му се додели на Марјан Неќак за музиката во претставата „Лазаревото писмо“ во изведба на Народен театар Штип.

Наградата за костимографија ја доби Раде Василев за костимите во претставата „Ана Комнена“ во иведба на Народен Театар Ј.Х.К. Џинот од Велес.

Благица Секуловска ја понесе наградата за текст во претставата „Трудна приказна“, а во изведба на Театар Комедија од Скопје.

Награда за млада актерка и се додели на Сања Русеска за улогата на Мира во претставата „Хај – фај“ во изведба на театарот од Куманово.

Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ доби Стефан Вујисиќ за улогата на Порција во претставата „Венецијанскиот трговец“ во изведба на Драмски театар Скопје.

Ева Скендеровска ја доби наградата за женска епизодна улога за улогата на Неда во претставата „Трудна приказна“ во изведаба на Театар Комедија Скопје, а наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ му се додели на Жарко Димоски за улогата на Бошко во претставата „Трудна приказна“ во изведба на Театар Комедија Скопје.

 

 

 

Последни Новости