Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

Градоначалникот Јованоски го посети семејството Стеваноски, чиј дом синоќа изгоре во пожар

 Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, денеска го посети семејството на Орде Стеваноски чиј дом синоќа изгоре до темел во пожар кој избувнал околу 20 часот, на улицата „Пиринска“ број 103. Градоначалникот Јованоски им вети финансиска помош за обнова на нивниот дом.

„Горниот спрат од куќата на Орде Стеваноски е целосно уништен во пожарот што се случил вчера. Затекнавме навистина една страшна слика, но за среќа тоа е само материјална штета. Во рамките на нашите надлежности ќе преземеме мерки за да ја надоместиме штетата во голем дел, ќе направиме напори за да добие помош и од други места“, изјави Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Во моментот на пожарот во куќата била само ќерката. Таа забележала како излегува чад од дневната соба, од местото каде што се наоѓал телевизорот. Во паника веднаш им се јавила на нејзините родители и на противпожарната служба, но за жал огнот се раширил со голема брзина преку целиот спрат и целосно го опустошил. Стеваноски сега бараат помош од добронамерни луѓе, зашто велат им изгорело се што печалеле со години.

„Како што гледате и сами се е опустошено, во половина час изгоре се што имавме. Пожарот се случи синоќа околу 20 часот. Упатувам апел до сите добри луѓе да помогнат колку што можат. Сега немаме покрив над главата ќе спиеме по роднини и пријатели“, изјави Орде Стеваноски, сопственик на куќата.

Сите добронамерни граѓани кои сакаат да помогнат можат да донираат на ж-ска : 370056301551821 - Еуростандард банка или да го контактираат семејството на тел. : 070-611-513.

 

Последни Новости