Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

Голем успех на боречкиот клуб „7 Мај“ од Прилеп на турнирот во Бугарија

 На меѓународниот турнир во борење „Златин Ургачев“, кој се одржа во Бугарија, Стефан Стојаноски член на боречкиот клуб „7 Мај“ од Прилеп, го освои третото место. Со него како дел од македонската репрезентација учествуваше и прилепчанецот Петар Насески. По повод овој успех тие денеска остварија и средба со градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

„На турнирот во Галабово освоив трето место. Имав две победи и еден загубен натпревар. Ги победив учесниците од Бугарија и Украина. Тренирам веќе 9 месеци, напорна работа, благодарение на моите тренери многу научив и сум задоволен од овој успех“, рече Стефан Стојаноски, член на боречкиот клуб „7 Мај“.

„Тренирам борење околу една година, борењето како спорт го засакав уште од мали нозе и ќе продолжам да се занимав со него и во иднина“, кажа Петар Насески, член на боречкиот клуб „7 Мај“.

Тренерот на клубот „7 Мај“, Сашо Игнатовски, вели дека е задоволен од постигнатиот успех и додаде дека и во иднина ќе продолжат со напорната работа.

„Минатиот викенд во Галабово во Бугарија се одржа традиционален меѓународен турнир „Златин Ургачев“, тоа е силен меѓународен турнир под капата на Светската боречка федерација кој се рангира за ранг листите за квалитет на деца до 15 години. Учествуваа 12 репрезентации на тој турнир, меѓу кои и Македонија. Ние како клуб партиципиравме со двајца наши членови во репрезентацијата. Тоа се Петар Насески во категорија до 35 кг. и Стефан Стојаноски во категорија до 32 кг.“, истакна Сашо Игнатовски, тренер на клубот „7 Мај“

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески им го честиташе успехот на младите спортисти и потенцираше дека преку поддршката на спортот и клубовите, целта на локалната самоуправа на Прилеп била што е можно повеќе млади да започнат да спортуваат.

„Им честитам на спортистите за нивниот успех, им посакувам да имаат уште многу успешни борби и турнири како на домашно така и на меѓународно ниво, и се надевам дека некој од овие двајца е идниот олимпиец во борење на Македонија. Се заблагодарувам и до клубот „7 Мај“ кој опфаќа голем број на деца од нашиот град кои се занимаваат со борење. Тоа е релативно нов клуб во државата, а веќе има доста успеси на меѓународно и домашно ниво. Така што и овој спорт наголемо се развива во градот под Марковите кули. Целта на локалната самоуправа е поддршка на сите спортови и масовни и поединечни се со цел младите да се занимаваат што е можно повеќе со спорт, затоа што преку развојот на младите ние добиваме поперспективна иднина“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Последни Новости