Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

Downhill велосипедска трка викендов по втор пат во Прилеп

 Во недела кај месноста Топташ, во близина на Прилеп во организација на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп ќе се одржи втората downhill трка насловена како „Топташ 2017“. На трката се очекува присуствуваат 50-тина учесници од Македонија, Црна Гора и Бугарија. Инаку downhill е вид на спорт со велосипеди кој кај нас моментално сеуште е во развиток. Велосипедистите не се искачуваат нагоре по планината туку со велосипедите само се спуштаат надолу. Патеката е исполнета со екстремни скокови и се вози по доста тешки терени и секции. Оние кои се занимаваат со овој спорт велат дека тој е доста ризичен и екстремен.

„По втор пат се организира ова трка „Downhill Топташ“, годинава како „Цевитана downhill Топташ 2017“, под покровителство на Општина Прилеп и со помош од главниот спонзор „Витаминка“. Трката ќе се одвива од врвот Топташ па се до резервоарот за снабдување со вода во близина на магисталниот пат Прилеп-Битола. Патеката е долка 1,8 км. Натпреварот ќе се одвива во три категории, и тоа од 18 години па нагоре, потоа јуниори и третата латегорија е за велосипеди само со преден амортизер и назад со тврда вилушка. 10-тина години овој спорт се развива во Прилеп за да кулминира со овие трки кои ги организиравме за прв пат лани, и оваа сега“, кажа Златко Спиркоски, член на клубот за екстремни спортови „Skyriders“.

Организацијата на оваа трка инаку произлезе како предог на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп, на „Денот на идеи“, кој го организира Општина Прилеп.

„Задоволство ни е што организираме еден ваков настан кој е од меѓународен карактер. Спортот е доста екстремен, потребна е посебна опрема, заштита, но и психичка подготвеност. Патеката е лоша, има доста екстремни делови кои се ризични, но сепак ние го прифаќаме тој предизвик и сакаме овој спорт да успее во Прилеп и да стане традиција оваа трка. Очекуваме спустот да трае околу 3 минути, од врвот Топташ, па се до подножјето“, рече Илија Ангелески, член на клубот за екстремни спортови „Skyriders“.

Настанот е поддржан од Општина Прилеп која во изминатиов период посветува големо внимание за развој на екстремните спортови.

„Ги поканувам сите љубители на екстремните спортови да присуствуваат на овој меѓународен натпревар во месноста Топташ, натпреварот започнува во недела и ќе трае од 10 до 15 часот. Ова е адреналински спорт и со него продолжуваме како Општина со сезоната за екстремни спортови. Започнавме со болдерингот минатата недела, понатаму ќе следуваат и другите екстремни спортови. Огромна е поддршката на локалната самоуправа на клубот „Skyriders“ со кого соработуваме повеќе години и тие придонесоа Прилеп да се воздигне во еден од центрите за развој на екстремните спортови на Балканот. Резултат на нивните идеи е мото крос патеката кај Лагово и полетувалиштето за параглајдери кај манастирот Трескавец. Нивна идеја е и оваа downhill трка“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Годинешната трка ќе биде и бодувана и ќе добие и официјален државен карактер.