Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

70 години на КУД „Мирче Ацев“

Седум децении КУД „Мирче Ацев“ е македонски и прилепски фолклорен амбасадор, промовирајќи го во земјата и во странство македонскиот фолклор.

Со целовечерен концерт вечерва на плоштадот „Александрија“ од 20.00 часот, КУД „Мирче Ацев“ ќе одбележи 70 години од формирањето. Повторно на сцената ќе се одиграат најубавите македонските ора, преку кои е препознатливо ова наше фолклорно друштво. Гостин на концертот е КУД „Змај“ од Ириг, Војводина.
Гостите од КУД „Змај“ остварија средба со градоначалникот Марјан Ристески на која беше разгледано прашањето за продолжување на заедничката соработка со општина Прилеп како и со КУД „Мирче Ацев“.

Седум децении КУД „Мирче Ацев“ е македонски и прилепски фолклорен амбасадор, промовирајќи го во земјата и во странство македонскиот фолклор и традиција. Почетоците се во април 1947 година. Во досегашното постоење илјадниците играорци, кои биле дел од друштвото одржале повеќе од 3.500 концерти не само во Прилеп, Македонија, туку и во странство. Ансамблот, кој работи под раководство на Атанас Гагалески, гостувал речиси на сите континенти во светот, презентирајќи го македонскиот фолклор.

Друштвото има освоено значајни награди на реномирани фестивали, меѓу кои прва награда во Ланголен, Велика Британија, во Миделкерке, Белгија, Овиедо, Шпанија...

КУД „Мирче Ацев“ го презентирал македонскиот фолклор во Полска, Мароко, Франција, Бугарија, Германија, Данска, Албанија, Турција, Хрватска, Србија...

За негувањето на македонскиот фолклор, добитник е и на третоноемвриското признание на градот Прилеп.

 

Последни Новости