„Не е избркан и нема да биде избркан, ниту еден вработен во администрацијата!“

„Ниту сум избркал, ниту имам намера да бркам некого. Да појаснам за што станува збор. Договорите што претходниот градоначалник им ги склучил на шеесетина лица, изминаа на 31 декември. Со истекот на договорите, заврши и работата на тие лица. Претходниот градоначалник сметал дека нивниот ангажман треба да биде до 31.12.2017 година и јас тука ништо не можам да направам“, изјави денеска градоначалникот Илија Јованоски, одговарајќи на новинарско прашање, „дали е вистина дека со амин на градоначалникот се избркани одредени кадри од општината, за што обвинуваа и некои партиски портали и гласноговорници“.

„Она што во иднина треба да го работи општинската администрација, онолку- колку што мислам дека ќе има потреба од вработени, ќе ангажираме толкав број на квалитетни и стручни кадри. Ни случајно нема да биде како досега, вработените да ги држиме на ‘стенд бај’ само за да служат како гласачка машинерија. Вработувањата ќе бидат на неопределено време, на јавен оглас каде ќе можат сите да конкурираат и ќе бидат избрани најдобрите. Така што, сето ова што беше кажано се само лаги и манипулации на некои портали и на ВМРО-ДПМНЕ. Ова прашање треба да му го постават на претходниот градоначалник, не мене“, категоричен е  градоначалникот Јованоски.

Тој оваа изјава ја даде за време на денешната прес конференција што ја одржа со „Локалниот спортски сојуз-Прилеп“, посветена на успешно реализираниот хуманитарен турнир во мал фудбал „Свети Никола 2017“, на којшто беа собрани околу 180.000 денари, средства што ќе бидат инвестирани во Центар за деца со церебрална парализа, што наскоро ќе биде отворен во Прилеп.