„Форум на заедниците“ во Општина Прилеп

Активноста „Форум на заедниците“ донесе значаен проект за децата – констатирано на последната форумска сесија во Општина Прилеп

Општина Прилеп во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети –фаза 2“ кој го реализираат Швајцарската Влада, Министерството за локална самоуправа, Програмата за развој на Обединети нации – УНДП и партнерските општини го организираа завршниот форум од реализација на процесот на Форуми во заедницата.

Денеска,  на последователна (петта) форумска сесија, пред учесниците беа презентирани резултатите од спроведените активности во рамки на процесот и имплементираниот проект, како дел од грантовата шема, кој беше предложен, изработен и одбран од учесниците на форумот – “Изградба на инклузивно детско игралиште„

Изградбата на инклузивно детско игралиште во паркот на Могилата на непобедените, со пристапност и содржини за сите деца, произлезе од програмата „Форуми во заедницата“ преку проектот „Зајакнување на општинските совети-фаза 2“ каде што Советот на Општина Прилеп и учесниците на форумот заеднички одлучија, приоритетен предлог проектот да биде „Изградба на инлузивно детско игралиште“ во општина Прилеп. Овој предлог- проект произлезе од причина што Општина Прилеп нема доволно детски игралишта за деца со попреченост.

„Почитувани присутни, навистина за мене како градоначалник претставува задоволство што нашата општина Прилеп, во рамките на  проектот  „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“ направи вистински избор и создадовме прекрасено катче за игра, забава и дружба на сите деца. Особено што  предлог проектот ,„Изградба на детско инклузивно игралиште“  во паркот на Могилата,  произлезе од еден ваков демократски процес на одлучување заедно со граѓаните преку „Форуми во заедницата“

На денот на пролетта таму организиравме „Пролетен хепенинг“ каде што заедно сите дечиња, децата со попреченост и деца од различна возраст,  се дружеа и забавуваа. Нивната радост, среќа и насмевка не може да се опише со зборови. Тоа беше најубавата глетка на светот –  насмеани и среќни деца.

Затоа верувам дека заедно со претседателот на Советот на Општина Прилеп, советниците, нашите сограѓани и сите вие кои што бевте вклучени, ја остваривме целта со тоа што го реализиравме овој проект за изградба на „инклузивно детско игралиште“ – за подобар психо-физички развој на НАШИТЕ децата и зајакнување на социјалната инклузија – во што дефинитивно успеавме! И затоа во мое лично име и во името на Локалната самоуправа на Општина Прилеп упатувам огромна благодарност до сите вас.

 

А исто така сакам да упатам и еден апел до сите корисници на игралиштето и до сите наши сограѓани да бидиме совесни и одговорни и да се грижиме да го зачуваме се она што е изградено.

Би сакал да истакнам дека имаме и листа на проекти и препораки кои што нели произлегоа од овие форумски сесии и кои што со сигурност во рамките на нашите можности и ингеренции ќе се потрудиме да ги реализираме се надевам и со поддршка на нашите донатори и партнери.

 

Во оваа прилика, исто така сакам да изразам голема благодарност за поддршката од Швајцарската Влада, Министерството за локална Самоуправа и партнерските општини , преку  Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП што ни помогнаа  да го реализираме  предлог – проектот на граѓаните и на децата да им овозможиме радост, детска среќа и нови пријателства!

ЗАТОА ШТО, НА КРАЈОТ НА ДЕНОТ – СИТЕ ДЕЦА СЕ ИСТИ !“ -рече пред присутните, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески

Вкупниот буџет за реализација на проектот „Изградба на инклузивно детско игралиште„ изнесуваше 3 милиони и 700 илјади денари. Од нив 72% се средства кои ги обезбеди донаторот, а 28% беа обезбедени од Буџетот на Општина Прилеп.

 

 

Проектот „Зајакнување на општинските совети“ финансиски е поддржан од Embassy of Switzerland in Macedonia, Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а е кофинансиран и се спроведува преку Програмата за развој на Обединетите нации UNDP MK во соработка со национални и локални партнери.