Миле Талевски е новиот претседател на Советот на Општина Прилеп

На свечена седница, денеска е конституиран новиот Совет на Општина Прилеп, а советникот Миле Талевски, носител на листата на победничката коалиција што ја предводеше СДСМ, е избран за нов претседател на Советот, на местото на досегашниот Никола Димески.

Во составот на новиот Совет од победничката коалиција предводена од СДСМ учествуваат 15, а од коалицијата преводена од ВМРО-ДПМНЕ 12 советници. Верификационата комисија на сите им ги верификуваше мандатите, врз основа на уверенијата добиени од Општинската изборна комисија.

За новоизбраниот претседател на Советот, Миле Талевски функцијата е можност да придонесе за развој, посветла иднина и просперитет на општината. Тој потенцираше дека ќе работи согласно правилата и Деловникот и со целиот свој капацитет за подобар живот на граѓаните на општина Прилеп, без разлика на политичката, верска, национална и каква било друга определба.

„Нема да дозволам во Советот, наметнување на волјата на мнозинството врз малцинството, ниту пак ќе има слепо наметнување на волјата на градоначалникот врз советниците. Пред нас е историска шанса во наредните 4 години да донесеме одлуки, што ќе значат добробит и прогрес на општината. Ќе носиме одлуки со кои ќе го подобриме животот на младите и ќе ги стимулираме да останат и да работат во Прилеп“, порача Талевски.

Како што рече Советот ќе работи во интерес само на граѓаните, со цел да има изградба на современа патна инфраструктура, да се отвораат нови работни места, да се привлекуваат како домашни така и странски инвестиции.

„За да го оствариме сето ова, потребна е отворена и искрена соработка помеѓу сите членови на Советот на Општина Прилеп, од сите политички партии во интерес на сите граѓани на нашата општина. Посебно сакам да ги уверам граѓаните дека сите нивни проблеми ќе бидат ставени на дневен ред на Советот“, вети Талевски.

Градоначалникот Илија Јованоски им го честиташе мандатот на новите советници и вети подобар живот за граѓаните на општината.

„Им го честитам мандатот на советниците. Во наредните 4 години, се надевам дека сите заедно успешно ќе ја водиме Општината, без разлика на која политичка партија припаѓаме. Убеден сум дека граѓаните во иднина ќе имаат подобар живот во Прилеп, со она што ќе им го овозможиме ние како Совет и јас како градоначалник на Општина Прилеп“, изјави Јованоски.

На новинарско прашање „до каде се подготовките за одбележување на празникот „3-ти Ноември“, новоизбраниот претседател на Советот, Талевски рече дека во координација со останатите политички партии ќе се обидат во најбрз можен рок да ја изберат Комисијата за одбележување на значајни настани и личности. Ова со цел да се забрза процесот и да се донесат одлуките за избор на годинешните добитници на оваа престижна награда.

„Поради изборите овој процес беше стопиран, но и покрај тоа оваа манифестација ќе биде организирана“, соопшти Талевски.

На првата конститутивна седница беше избран новиот состав на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања.