Клубот за екстремни спортови „Skyriders“ одбележа 25 години од своето постоење

Со пригодна програма и доделување на плакети на своите соработници и спонзори, клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп вечерва одбележа 25 години од своето постоење. По тој повод плакета доби и Општина Прилеп за особен придонес во развојот на параглајдерството. Градоначалникот Јованоски истакна дека клубот во иднина ќе ја има целосната поддршка на локалната самоуправа за уште поголема промоција и развој на параглајдерството, а на младите им порача во своето слободно време што е можно повеќе да се занимаваат со спорт.

„Вечерва сум тука да му оддадам признание на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од нашиот град за 25 годишниот јубилеј. Како градоначалник ќе ја имаат целосно мојата поддршка за развојот на овој клуб и за остварувањето на програмата што ја имаат зацртано за оваа и наредните години. Се надевам дека и понатаму овој спорт ќе продолжи да се развива и дека Прилеп и во иднина ќе биде дестинација која ќе ја посетуваат параглајдеристи од целиот свет. Сакам да им порачам на младите во иднина, во своето слободно време, што помалку да ги користат комјутерите, мобилните телефони и социјалните мрежи, а што е можно повеќе да се занимаваат со спорт“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.

Од клубот „Skyriders“ потенцираа дека Македонија е еден од најголемите центри на параглајдерството во светот и очекуваат тоа и понатаму да се развива.

„Кога започнавме во 1992 година бевме толку малку луѓе и мислевме дека параглајдерството е некоја забава. Денес после 25 години развој Македонија е еден од најголемите центри на параглајдерството и очекуваме секоја година се повеќе и повеќе пилоти да пристигнуваат тука. Темелите се поставени, Пелагонија ги нуди најпрекрасните услови за параглајдерство во поширокиот дел на светот. Доказ за тоа е што по 2 години тука ќе се организира и светското првенство“, изјави Златко Спиркоски, секретар на клубот за „Skyriders“.

Утре на полетиштата „Трескавец“ и „Новоселски рид“ кај Долнени, ќе се одржи ревијалниот натпревар во дисциплината прецизно слетување „Prilep Open 2017“, на кој ќе учествуваат 50-тина пилоти од Македонија, Бугарија, Косово и Албанија.

Видете и...

Градоначалникот Јованоски на сите православни христијани им го честита празникот Богојавление – Водици

Со желби за многу здравје, љубов и среќа, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, на …