Ката тимот од карате клубот „Бонсаи“ од Прилеп е балкански шампион

Ката тимот во машка конкуренција „У-21“ или јуниори до 21 година го освоија првото место на 18-то Балканско првенство во карате, што викендов се одржа во Херцег Нови, Црна Гора. На првенството учествуваа кадети, јуниори и јуниори до 21 година. Вероника Кукеска со многу тесен резултат 3:2, го загуби третото место во борби од минус 47 килограми. Членовите на клубот „Бонсаи“ беа дел од македонската репрезентација на ова првенство.

„Македонија е пласирана на второ место на ова првенство, според бројот на медали. Освои 9 златни, 9 сребрени и 12 бронзени. Турција е на прво место и ни избега за само една златна медаља. Kако тренер на клубот ‘Бонсаи’ сум премногу горда на моите натпреварувачи, се покажаа во вистинско светло. Имаше и други натпреварувачи од Прилеп. Ќе си земам за право да го споменам Константин Василески од клубот ‘Спорт 94’, којшто освои 2 место во борби. Македонските натпреварувачи годинава имаат големо подобрување“, истакна Валентина Пурдеска, од карате клубот „Бонсаи“.

Освен Пурдеска како светски судија на Балканското првенство од Прилеп беше и Дарко Филипоски како европски судија. Инаку првопласираните од ова првенство ќе одат на европското првенство што ќе се одржи во Сочи, Русија.

Инаку, карате спортот во Македонија, во петок во домот „Даре Џамбаз“ во Скопје ќе одбележи 5 децениски јубилеј.