Касарната „Мирче Ацев“ го одбележа својот патрон празник

Градоначалникот на Прилеп г-дин Илија Јованоски денес присуствуваше на свеченоста во касарната „Мирче Ацев“ по повод одбележувањето на патрон празникот и 75 години од загинувањето на народниот херој Мирче Ацев.

Чествувањето започна со положување на свежо цвеќе пред бистата на народниот херој, која се наоѓа во кругот на касарната, а потоа одбележувањето продолжи со пригодна програма во која учество зедоа учениците од гимназијата „Мирче Ацев“. На свеченоста свое обраќање имаше командантот на Гарнизонот Потполковник Ивица Цветковски.

„Света должност е да се сака и  брани татковината, но најсвето нешто е да се даде животот за неа. Мирче Ацев е еден од плејадата борци, народни херои, кои го дадоа својот живот за Македонија. Денес го одбележуваме патронот на касарната и со задоволство можеме да истакнеме дека сме горди што ги продолжуваме светлите традиции на нашето минато“, посочи Потполковник Цветковски.

Присутните на настанот имаа можност да ја разгледаат и изложбата на опремата и вооружувањето со кое располага оваа единица.