Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

Општи информации

Општина Прилеп се наоѓа во централниот дел од јужното подрачје на Република Македонија. Го зафаќа Прилепското поле кое го сочинува северниот дел од најголемата котлина во Македонија, Пелагонија. Градот Прилеп се наоѓа на надморска височина од 620-650 метри, а на ридестите падини и до 680 метри. Во општина Прилеп, живеат 76.768 жители од кои 73.351 во градот. Најголемиот дел од жителите на општина Прилеп односно 70.878 се Македонци, а покрај нив има уште и 4.433 Роми, 172 Срби, 917 Турци, 22 Албанци, 17 Власи, 86 Бошњаци како и 243 жители кои им припаѓаат на други националности.

Во историските извори Прилеп за прв пат се споменува во 1014 година.Територијата на градот и неговата околина претставувале едно од најважните стратешко-политички и воени подрачја на овој дел од Балканот. Во пелагонискиот дел се наоѓале мошне важни крстосници на патишта од правецот на Егејското и Јадранското море.Важните антички магистрали Виа Игнација и Виа Милитарис својата најприродна врска ја имале преку Прилеп. Исто така преку Прилеп врвел и најкусиот трговско-каравански пат по кој од правецот на Јадранското море венецијанските и дубровничките трговци и курири поаѓале кон Солун. Низ вековите, на овој простор се среќавале и се судирале хеленската, римската, византиската и словенската култура.

Најрепрезентативните споменични комплекси од античкиот период се наоѓаат на локалитетите "Бедем" во с. Чепигово, "Безистен" меѓу селата Прилепец и Волково, како и во самиот град. На неколку локалитети се утврдени и остатоци од античките градови Стибера, Алкомена, Керамија и Колобанса.

Според застапеноста на културно-историските споменици,ништо помалку значаен не е ниту периодот на средниот век.Тука спаѓаат црквите Св.Никола, која датира од 13 век, Св.Успение на Богородица во манастирот на Трескавец со репрезентативни фрески од 15,16 и 19 век,како и манастирот со црквата Св.Преображение која се наоѓа над селото Зрзе. Најзначајниот комплекс од културно-историски споменици се наоѓа во самиот град,кој бил центар на пошироката политичко-територијална организација и значајно политичко и воено престојалиште на македонскиот цар Самуил.Комплексот споменици на средновековниот Прилеп го зафаќа просторот на стеновитото возвишение Маркови Кули и околните простори со локалитететите Поткули, Варош и Заград.На возвишението Маркови Кули се наоѓа една од петте најголеми балкански тврдини, составена од три одбрамбени појаси и повеќе кули и порти.

Најголемиот подем во својата средновековна историја Прилеп го доживеал во последната четвртина од 13 и првата половина на 14 век.Резултат на таквиот растеж се значајните споменици од тој период,како што се единственото наоѓалиште на остатоци од словенска населба од 10 век,црквата Св.Архангел Михаил со фрески од 11 век,како и црквите Св.Димитрија и Св.Никола во која се наоѓа и фрескоживописот од 13 век.Во деветнаесеттиот век во градот се формирал трговски центар со познатата Стара чаршија. Во периодот на македонската културна и национална преродба, Прилеп претставувал значајно средиште на словенската, односно македонската писменост, литература и култура. Од тој период од посебно значење е просветителската дејност која во Прилеп ја изврушувале македонските преродбеници Јордан Хаџи-Констатинов Џинот, Димитар Миладинов, Рајко Жинзифов и Кузман Шапкарев како и дејноста на познатиот собирач на македонски народни умотворби Марко Цепенко.

Во илинденскиот период градот бил средиште на македонското национално и ослободително движење.Прилеп и прилепско во тој период дале десетици револуционери и борци,меѓу кои и Пере Тошев, Ѓорче Петров, Петре Ацев и многу други.

На 11 октомври 1941 година во Прилеп,со нападот на Участакот,започна вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор за негово национално ослободување и самостојност. "Могилата на непобедените", како еден од најмонументалните споменици во кој се погребани посмртните останки на повеќе од 650 борци од овој крај претставува значајно сведоштво за масовното и пожртвувано учество на луѓето од овој крај во ослободителната војна.

Својот најзначаен подем и растеж Прилеп го доживеа во времето на слободниот повоен развој кога и израсна во значаен политичко-административен,културно-образовен,научен и стопански центар во Република Македонија.На македонската книжевност Прилеп и подари повеќе од 25 писатели, на ликовната уметност дваесетина сликари и скулптори, а на македонската научна мисла повеќе признати научни работници.

Резултат на евидентниот развој е и дејноста на Економскиот факултет но и на другите две научни институции: Институтот за тутун и Институтот за истражување на старословенската култура.

Стопанскиот живот се согледува преку повеќе индустриски гранки, како што се тутунската индустрија, металната индустрија, индустријата за неметали, хемиската,текстилната и дрвната индустрија.

Прилеп е познат светски центар за производство на квалитетен тутун од типот "Прилеп" кој е особено баран на светскиот Пазар. Прилеп е и град во кој се наоѓаат рудниците на еден од најквалитетните мермери во светот.

Прилеп е град на тутунот и мермерот,на богато културно наследство и историја, на националната гордост и отвореност кон светот,град херој.

Населени места кои што претставуваат дел од општина Прилеп се следните: Алинци, Беловодица, Беровци, Бешиште, Бонче, Вепрчани, Веселчани, Витолиште, Волково, Врпско, Галичани, Голем Радобил, Големо Коњари, Гуѓаково, Дабница, Дрен, Дуње, Ерековци, Живово, Загорани, Кадино Село, Кален, Канатларци, Клепач, Кокре, Крушевица, Крстец, Леништа, Лопатица, Мажучиште, Мал Радобил, Мало Коњари, Мало Рувци, Манастир, Марул, Никодин, Ново Лагово, Ореовец, Пештани, Плетвар, Подмол, Полчиште, Прилепец, Присад, Ракле, Селце, Смолани, Старо Лагово, Топлица, Тројаци, Тополчани, Тројкрсти, Царевиќ, Чаниште, Чепигово, Чумово, Шелеверци и Штавица.