Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

Музеј на тутун

Напорите за формирање музеј, кој стручно ќе ги вообличи материјалите што се однесуваат на тутунот, директно, или каде е тој мотив и инспирација, собрани после Втората светска војна, се крунисани со соработката на претпријатието "Југотутун" од Скопје, "Институтот за тутун" и "Заводот за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј" од Прилеп. Имено, со тоа е формиран Музејот за тутун, во сопственост на Институтот за тутун - Прилеп, а под стручно водство на Заводот и Музеј - Прилеп. Од неговото формирање во 1973 година, па до сега, собрани се и обработени околу 1700 експонати поделени во четири групи:

  • експонати за уживање тутун;
  • експонати од производството, рекламирањето и тековните работи на тутунската индустрија;
  • експонати од традиционалното производство на тутунот;
  • Ликовна збирка со мотиви од тутунопроизводството;

Експонатите во Музејот за тутун се претежно откупени од разни институции и поединци од цела Европа, мал дел од Азија и Африка, еден дел се ископани на локалитетите во Белград, Скопје, Битола, Прилеп, Љубљана, Фромбок и Варшава, а во минимален дел се резултат на поклонување. Голем број од експонатите се вистински раритет.

Поради сето ова, Музејот за тутун - Прилеп во исто време е меѓународен, уметничко-занаетчиски, мануфактурен и индустриски, репрезентативен, скап.

 

СТАЛНА ПОСТАВКА

Најзначаен, најрепрезентативен и комуникациски единствено приспособен дел на Музејот за тутун е Сталната поставка, која се наоѓа во просториите на Институтот за тутун и брои 750 експонати.

Во одредувањето на преовладувачкиот карактер на поставката земени се во предвид оние критериуми по кои се раководат веќе поставуваните и докажани соодветни изложби, а кои се засновани врз музејската теорија на експонирањето.

 

СТАЛНА ПОСТАВКА – ЕКСПОНАТИ

Лулите се најбројни, разновидни во формите, материјалите од кои се направени, како и техниките кои се при тоа употребени. Богатството на мотиви и орнаменти се неизоставен дел од презентацијата на колекцијата лули.

 image260.jpg image261.jpg

 

Голем број на лули се од познати светски производители, како постари, така и понови - плод на индустрискиот ангажман и дизајн. Најстарите од нив потекнуваат од крајот на XVII и почетокот на XVIII век, но заради тоа што некои експонати не носат белези на години на производство, ознаки на работилници и мајстори, се претпоставува дека некои од нив се сигурно и доста постари. Ова особено важи за земјените (керамички, штајнгут, мајолик и сл.) лули направени на калап. Во поставката изложени се и лули кои биле презентирани на Светските изложби во Виена и во Париз од XVIII и XIX век.

image262.jpg image263.jpg

 

Чибуците се гордост на Музејот за тутун. Направени се од злато, сребро, емаил, седеф, коска, слонова и коска од носорог, скапоцено и помалку вредно дрво, килибар, разни метали и минерали. Во техниките на изработка, во предност се оние изработени со филигран и гранулација, резба во коска, копито, рог, слонова коска и дрво како и со употреба на ниело техниката, било ориентален, западен – Shamps elevees, или руски - Тула стил. Домашните и балканските производители се препознатлови по чибуците изведени со интарзија на сребрена жица, инкрустрација на ковано-лентовидно сребро во основа од благородно дрво - таканаречено "Ливањски вез" и интарзија на седеф и бисер во сливово, или оревово дрво.

image264.jpg

 

Табакерите сеизработени од дрво, коска, слонова коска, сребро, ниело паста, полудраги и драги камења и слично. Тие се со различна старост, со различни мотиви, а им припаѓале на познати и анонимни корисници. Кај овие експонати секогаш се отчитува уметничкиот дух на епохата во која настанале.

image265.jpg

 

Бурмутниците се внимателно избирани при набавката, за да го презентираат раскошот и опсегот на форми, материјали и техники на изработка, но и времињата во кои се настанати, времиња во кои тутунот се користи како лековито средство, во форма на бурмут, со неизоставниот печат на преовладувачкиот "дворски вкус". Впечатливи се оние од лаково дрво, желкина кора, резбарена коска, нефрит, сребро, ахат, па и оние со аплициран емаил, ниело и сават. 

image266.jpg

 

Останати видови експонати изложени во поставката се: дозните за тутун, пепелници, наргилиња, водни лули за тутун и опиум, чистачи и полначи за лули, порт цигари, камиши, сечачи за тутун, дробилки за бурмут (авани), апарати за потсекување и режење цигарети и цигари, калапи и други алати за изработување лули, шандани (држачи за цигари и кибрити), кутии за тутун, цигари и чкорчиња, (палидрвца) тацни за служење цигари, направи за потпалување на лулите, чилами за хашиш, запалки, кутии за виткање цигарети, машички и многу друго.

Изложените експонати се сместени во сала, реновирана за оваа намена и во витрини проектирани за истата цел. Салата е со површина од 250 м2 и во неа се распоредени 24 витрини од три типови. Предвидено е поставување на уште 16 витрини во следните години.

Во Музејот за тутун - Прилеп постои и библиотека со тематика примерена на намената за која и постои, со ретки и стари примероци на книги, како што е на пример "Табакологијата" од Неадри од 1626, потоа фототека и фототека на негативи, збирка на пропаганден материјал од тутунската индустрија и колекција на слики, вредни и оригинални графики и репродукции. Оделението за документација и аналитика се наоѓа во просториите на Заводот и Музеј во Прилеп.

За несомнениот подем на Музејот за тутун јасен показател е фактот што новите простории, во кои сега се наоѓа, ги доби во декември месец 1994 година и тие се едни од најубаво опремените на Балканскиот Полуостров.