Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

Историја на уметност

Одделението за историја на уметност во Заводот за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј - Прилеп функционира од 1960 година, во почетокот како Галерија, а потоа прераснува во Одделение за историја на уметност.

 

Активности од областа на заштитата на спомениците на културата:

  • Увид во состојбата на недвижното и движно културно богатство;
  • Евиденција на недвижното и движно културно богатство;
  • Валоризација и ревалоризација;
  • Истражувања и изработка на проекти за изведување на заштитни интервенции на недвижното и движно културно богатство;
  • Превентивни заштитни интервенции на недвижното и движно културно богатство;
  • Конзерваторско реставраторски работи на недвижното и движно културно богатство;

 

Активности од областа на музејската дејност:

  • Прибирање на музејски материјал;
  • Инвентаризација и реинвентаризација на музејскиот материјал;
  • Истражувачки работи;
  • Презентација и публикација на обработениот материјал;

 

ФОНД НА РЕГИСТРИРАНИ СПОМЕНИЦИ НА КУЛТУРАТА

  • ВИЗАНТИСКИ ПЕРИОД
  • ПОСТВИЗАНТИСКИ ПЕРИОД
  • ДОЦЕН ПЕРИОД XVIII-XIX век
  • ЗБИРКА НА ИКОНИ

 

ФОНД НА РЕГИСТРИРАНИ СПОМЕНИЦИ НА КУЛТУРАТА

Фондот на регистрирани сакрални споменици на култура на териториите на општините: Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Витолиште коишто ја зафаќаат територијата на поранешната општина Прилеп е следниот:

Византиски период

  1. Црква Св. Димитрија, Варош
  2. Црква Св. Никола, Варош
  3. Црква Св. Никола, село Манастир
  4. Манастирска црква Успение на Св. Богородица, Трескавец
  5. Манастирска црква Св.Спас (Св. Преображение), село Зрзе

Поствизантиски период

  1. Црква Св. Никола, село Зрзе
  2. Манастирска црква Св. Никола, село Слепче
  3. Црква Св. Богородица, село Костинци
  4. Црква Св. Богородица Пречиста, Варош
  5. Црква Св. Петар, Варош

Преродбенски период

  1. Иконостас во црквата Св. Благовештение, Прилеп

Освен регистрираните сакрални споменици на културата, Одделението за историја на уметност ги обработува и сите останати евидентирани сакрални објекти во Прилеп и околината. Покрај превентивна заштита и конзерваторско-реставраторски работи, се води и евиденција и обработка на движниот материјал (икони, библиофилски материјал и друг црковен инвентар) кој се наоѓа во сите наведени објекти.

 

ВИЗАНТИСКИ ПЕРИОД

После надминувањето на иконоборската криза, поради близината на Византија, во Македонија уметноста доживува силен подем. Прифаќајќи го Византискиот стил како сопствен начин на уметничко творење, македонските словени стануваат активен фактор давајќи свој придонес во општите текови на неговиот развој.

Прилеп е еден од центрите во Македонија во кој што Византиската уметност доживува свој процут. За живописување на црквите и манастирите покрај локални, повикувани се и мајстори од Цариград и Солун, кои творејќи на овие простори ја покажале на само уметничката, туку и својата теолошка образованост. Некои од нив и во најстрогата ликовна валоризација добиваат високо место во историјата на уметноста, не само кај нас, туку и пошироко.

image233.jpg

 

Манастирска црква Св. Архангел Михаил, Варош

Најстари сликарски дела во прилепскиот крај се остатоците од фрески пронајдени на еден срушен ѕид, под подот на црквата Св. Архангел Михаил во Варош, на кои што е насликана Ктиторска композиција. Сите досегашни сознанија водат кон тоа дека овој ѕид е само дел од најстарата црква која потекнува од XII век.

На мошне талентиран зограф од втората половина на XIII век му припаѓаат фреските во западниот дел на црквата. Иако доста оштетени, овие фрески покажуваат дека биле насликани композиции од циклусите Страдањата Христови и Чудата на Св. Архангел Михаил. Десно од влезната врата во првата зона е насликан ктиторот на црквата, големиот хартулар на западот Јован, со моделот на црквата во раце.

Во манастирскиот двор, како и во црковниот трем се наоѓаат фрагменти од античко време. Двата монолитни камени столбови врз кои се потпира кровната конструкција на тремот, се остатоци од антиката. На северниот столб откриен е врежан натпис од 996 година во кој се споменува епископот Андреа. Ова е втор по старост словенски запис со кирилски букви.

Во 1964 година се започнати археолошки истражувања во црквата и околу неа, а во 1981 година отпочнат е процесот на конзервација на живописот.

 

Црква Св. Димитрија, Варош

На доста конзервативен зограф од XIII век му припаѓа дел од живописот во олтарниот простор на централниот брод во црквата Св. Димитрија во Варош. Северно од иконостасот насликано е попрсје на Св. Богородица со Христос под кое е испишан текст во кој молитвено се спомнува византискиот царски пар Андроник II и неговата жена Ирина.

Ктититор на големата обнова на црквата во XIII век, а во исто време и нарачател на живописот бил византискиот властелин Димитрие Мисинополит, чија ктиторска композиција е насликана во јужниот брод.

Околу 1380 година повисоките зони на црквата се насликани од познатиот зограф кој живеел и творел во манастирот Зрзе, митрополитот Јован.

Во 1959 година се започнати археолошки истражувања во црквата и околу неа, а во 1960 година започната е конзервација на живописот која трае до 1970 година.

 

Црква Св. Никола, Варош

Живописот во црквата Св.Никола во Варош е работен во две фази. Независно од натписот на северниот ѕид во кој стои дека црквата е живописана во 1298 година по нарачка на византискиот властелин Векос Капза и неговата жена Марија, фреските во апсидата се разликуваат од останатиот живопис и според стилските карактеристики се датираат во крај на XII или на самиот почеток на XIII век.

image235.jpg image234.jpg

Археолошки истражувања започнати се во 1959 година, а конзерваторско реставраторски работи врз архитектурата и живописот се започнати во 1961.

image236.jpg

 

Црква Св. Никола, село Манастир

Јасна слика за сликарството во втората половина на XIII век нуди живописот во црквата Св. Никола во село Манастир. Живописувањето е завршено во 1271 година за време на владеењето на Михајло VIII Палеолог. Долгиот натпис во главниот брод ја објаснува историјата на црквата. Во него стои дека живописувањето е извршено под раководство на Ѓакон Јован, "референдар на пресветата архиепископија", кој повикал повеќе истакнати мајстори да ја живописаат оваа црква.

Конзерваторско реставраторски работи врз архитектурата и живописот се започнати во 1965 година, а траеле до 1970 година.

 

Црква Успение на Св. Богородица, манастир Трескавец

Живописот во црквата Успение на Св. Богородица, манастир Трескавец е работен во неколку фази. Најстариот живопис што ги покрива ѕидовите на егзонартексот и бочните компартименти е изработен по нарачка на крал Стефан Душан во периодот помеѓу 1334 и 1343 година и главно се однесува на илустрациите од црковниот календар. Како посебна целина се одделува и живописот во северозападната купола каде е насликана композицијата Небесен двор.

На површината на ѕидовите и сводот во наосот зачувани се фрески што припаѓаат на една стилска целина, дело на една посебна група сликари кои работеле во втората половина на XV век.

Олтарниот простор после големите оштетувања е обновен и во 1570 година повторно е насликан.

Во внатрешноста на црквата се наоѓа двокрилна резбарена врата која датира од XVI век и припаѓа на Прилепско - Слепчанската школа.

Конзервација врз живописот е извршена во 1959 година.

image237.jpg image238.jpg

 

Црква Св. Преображение, манастир Зрзе

Во 1368/9 година се работени фреските во припратата на манастирската црква Св. Преображение, манастир Зрзе. Живописот го работел зографот Драгослав кој својот потпис го оставил во најнискиот појас на северниот ѕид. Сликарот од западниот дел од црквата направил посебен параклис со необична иконографија за овој простор: на западниот ѕид ја насликал композицијата Гостољубие Аврамово, а под неа Причестување на апостолите. И двете композиции имаат евхаристична симболика и се сликаат во олтар. Деисизот со дванаесетте апостоли, поставен на иконостасот е дело на јеромонахот Макарие, а го изработил околу 1400 година.

Конзерваторско реставраторски работи врз архитектурата и живописот се започнати во 1960 година. Во 1999 година превземена е превентивна заштита на живописот во црквата и тремот.

image239.jpg image240.jpg

 

ПОСТВИЗАНТИСКИ ПЕРИОД

Со доаѓањето на Османлиите на Балканот прекината е нишката на иконописното и живописното творештво на територијата на денешна Македонија. Турските власти ги респектирале старите цркви и манастири, но забраниле да се градат нови. Поради тоа, фрескосликарството постепено ги напушта тогашните културни центри и воопшто градските средини и преоѓа во селските средини, каде тајно се граделе нови цркви.

Во овие услови фрескоживописот и понатаму продолжува да егзистира, но се разбира не со оној занес и перфекција од претходниот период. Зографите и иконописците образованието го добивале во некоја од локалните сликарски работилници или биле необразовани, така што сликарството во Поствизантискиот период во уметнички и теолошки поглед доста заостанува зад сликарството од претходниот Византиски период.

 

Црква Св. Илија, село Долгаец

Црквата Св.Илија во село Долгаец е подигната во 1451 година, а живописана во 1454/5 година. Претставува прво целосно остварување од времето на Османлиската власт во прилепско-битолскиот крај. Програмата на живописот во иконографски поглед е доста интересна, но со послаби уметнички квалитети.

Во 1999 година извршена е превентивна заштита на живописот.

 

Црква Св. Никола, село Зрзе

Црквата Св.Никола во село Зрзе е живописана во првата половина на XVI век. Автор на живописот е зографот Онуфрие, кој ги има работено и фреските во источниот дел на манастирската црква Св. Преображение во истото село. Во неговата сликарска постапка се појавува чудно соединување на византиската традиција со традицијата во италовизантиските и италокритските работилници.

image241.jpg image242.jpg

 

Црква Св. Атанасие Александриски, село Рилево

Натписот над прозорот на јужниот ѕид дава податок дека црквата Св. Атанасие во село Рилево е подигната и живописана во 1627 година од мајсторот Иван од Кичево и зографот Јон од Костур. Иако сликарот Јон доаѓа од центар во кој цвета византиската и поствизантиската уметност, фреските во Рилево се со послаб кавалитет. Фигурите се со рамни тела, без снага и без хармонични пропорции.

 

Црква Св. Богородица, село Костинци

Црквата Св.Богородица во село Костинци е подигната и живописана во 1624/5 година. Во XIX век целиот живопис е пресликан со нов слој. Во 1997 година Завод и Музеј - Прилеп отпочна со конзервација на архитектурата и живописот. Денес поголем дел од живописот од XIX век е симнат, така што со сигурност може да се каже дека и живописот во Костинци е дело на зографи кои добро ја познавале не само иконографијата, туку и сликарската техника.

image243.jpg

 

Црква Св. Атанасие, село Галичани

Од фрагментарно зачуваниот живопис во црквата Св.Атанасие во село Галичани може да се заклучи дека во поглед на уметничката вредност истиот може да се вклучи во редот на просечните достигнувања од првата половина на XVII век.

Во 1999 година превземена е превентивна заштита на живописот, со цел да се избегнат можните оштетувања при конзерваторско реставраторски работи врз архитектурата.

 

Манастирска црква Св. Никола, село Слепче

Манастирската црква Св.Никола во село Слепче претставува последна црковна градба од турско време во прилепскиот крај. Подигната и живописана е во 1672/3 година. Од натписот над влезната врата се дознава името на главниот зограф Стојан, кој како добар познавач на иконографијата малите ѕидни површини ги исполнил со повеќе сцени и фигури. Во црквата се наоѓа резбарен иконостас со Голем крст кој датира од XVII век.

Во 1998 година превземена е превентивна заштита на живописот.

image244.jpg image245.jpg

 

ДОЦЕН ПЕРИОД XVIII-XIX век

Во XVIII и XIX век Турските власти останале доследни во забраната за градење на нови цркви и манастири на територијата на денешна Македонија. Но сепак, христијанското население во Прилеп успеало да издејствува дозвола за градење на два монументални црковни храмови во самиот град, а тоа се Соборниот храм Св.Благовештение, изграден во 1838 година и црквата Св.Преображение, подигната во 1871 година. Во селските места во околината на Прилеп од ова време датираат голем број на помали еднобродни цркви со скромни димензии и архитектонски градителски решенија. Исклучок се неколкуте трибродни цркви во селата Бешиште, Тројаци, Тополчани, села кои веројатно биле со поголема економска моќ.

image246.jpg image247.jpg

 

Црквата Св.Благовештение во Прилеп е монументален триброден храм, со три полукружни апсиди на источната страна и извонредна архитектура. Над јужниот и северниот брод се протегаат галерии, а над западниот портал исто така е изградена галерија која претставува простор за црковниот хор. Најимпресивен дел во овој сакрален објект е изработената резбана дрвенарија, односно иконостасот, владичкиот престол и амвонот (певница). Иконостасот на кој што преовладува билна орнаментика е изработен од познатиот мајстор – копаничар Димитар Станишев, додека владичкиот престол и амвонот се изработени од најпознатиот копаничар во Македонија и на Балканот Петре Филипович – Гарката.

 

Црквата Св.Преображение претставува тробродна петтокуполна монументална градба во впишан крст и назначена централна купола. На северозападната страна се простира долг трем кој е поставен на пиластри и лакови. Во народот е позната како "грчка црква", бидејќи гркофонското и влашкото население од Прилеп успеало да издејствува ферман за изградба од Цариградската порта. Фрескоживописот во црквата е со скромни уметнички квалитети.

Во седумдесетина цркви и манастири на поранешната прилепска општина евидентирани се 2100 икони кои претежно потекнуваат од XIX век, а има и мал дел изработени во XVI и XVII век, од домашни мајстори или од познатите иконописни школи од поширокиот дел на Македонија.

Иконописот и фрескоживописот во XVIII и XIX век се со скромни уметнички квалитети и покрај обидите на некои мајстори – сликари да го достигнат нивото на стариот Византиски стил. Од локалните мајстори од овој период со своите колрити и складно обликувани ликови на светците, препознатливи се зографот Адамче и неговиот ученик Јован Атанасов, особено зографот Адамче кај кого доминираат неговите Богородици со Христос. Силен белег со своето присуство и творење на територијата на општина Прилеп оставиле зограф Дичо, зограф Папрадишки, а посебно тајфата на Петре Филипович – Гарката и неговиот зет Димитар Станишев.

image248.jpg image249.jpg

 

ЗБИРКА НА ИКОНИ

Пристапувајќи со голем ентузијазам и љубов кон заштитата на културното богатство, Народниот Музеј од Прилеп во раните шеесети години на XX век започнува со една доста значајна и сложена активност, а тоа е покрај останатите вредности во депоата да се приберат и сите икони и друг црковен инвентар од напуштените цркви и манастири во прилепскиот крај. Со ова се направени првите чекори кон формирање на Збирката на икони.

Денес Збирката на икони во Заводот за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј - Прилеп брои 167 икони. Во неа прокрај икони се евидентирани и две крила од царски двери, Чин во два дела, повеќе фрагменти резба од иконостас и комплетниот сликарски прибор од прилепскиот зограф Јован Атанасов.

Врз основа на стилско-ликовната анализа, само еден мал дел од иконите припаѓа на XVI, XVII и XVIII век, додека поголемиот број се од XIX век.